Продолжуваат активностите за подобрување на водоснабдувањето во општина Дебрца.
Деновиве се одвиваат градежни зафати за реконструкција на дел од главниот водоводен крак од пумпната станица “Св.Еразмо”, во должина од 180 метри.
„Се демонтираат старите метални цевки и ќе бидат поставени нови HDPE цевки , фи 315 мм, на потегот каде што поради застареност и корозираност на цевките имаше многу чести дефекти и испади на целиот водоводен систем од “Св.Еразмо.” Вкупната вредност на работите изнесува 3.782.826 денари, средства обезбедени од буџетот на општина Дебрца.„ – информира градоначалникот на Дебрца, Зоран Ногачески.
Со ова целосно ќе бидат демонтирани старите метални цевки, ако се земе предвид дека пред извесен период и фирмата “Синохидро”, која го премостуваше водоводниот систем под автопатот во изградба, ги демонтираше старите и постави нови цевки на потегот од пумпната станица до стариот пат Охрид – Струга. Извршено е премостување под автопатот во изградба на доводот до новоизградениот резервоар во Подмолје.
„Останува Општина Охрид да отстрани некои недостатоци во резервоарот и истиот да биде пуштен во употреба,со што ќе се изврши раздвојување на водоснабдувањето на Оровник и Подмолје, односно истото нема да биде само преку резервоарот во Оровник,што исто така во голема мера влијаеше на функционалноста на системот.„ – вели градоначалникот на Дебрца, Зоран Ногачески.
Претходно,во рамки на изградбата на автопатот се изврши целосна реконструкција на главната водоводна мрежа од село Горенци до кај гаражите на “Пупе Компани”.
Градоначалникот Ногачески најавува ставање во функција на новата улична водоводна мрежа во Требеништа и водоснабдувањето на Волино.