Се разгоре фестивалскиот оган, отворено 63 издание на Охридско лето
Се разгоре фестивалскиот оган. Синоќа на Античкиот театар во Охрид, оперската дива, Анџела Георгиу од Романија заедно со Оркестарот на Националната опера и балет на Македонија,го отворија годинешното 63-то издание на фестивалот „Охридско лето”.
Георгиу важи за најгламурозната оперска ѕвезда. Се вбројува меѓу најдобрите изведувачи во историјата на операта, со исклучителен вокал, техника и длабока драмска и музичка интелигенција. Публиката имаше можност да ужива во уште еден голем спектакл. Фестивалот за отворен традиционално го прогласи покровителот, претседателот Стево Пендаровски.
„Повеќе од шест децении Охридско лето е местото каде што пристигнуваат најрелевантините уметнички продукции од сите страни на светот. Со комуникација на човековите искуства артикулирани низ различни ументички форми можеме длабински да ги согледаме сите битни социокултурни движења”, рече во своето обраќање претседателот Пендаровски.
За значењето на фестивалот зборуваше министерката за култура, која рече настаните на Охридско лето се неповторливи.
„Токму овие седишта на Античкиот театар од камен се сведоштво дека културата кја нас има стар датум. Таков е нашиот Охрид со право. Наша духовна престолнина, наш неизбришлив културен код, лулка на сесловенската писменост. Охридксо лето е неговата најдобра разгледница. Охридксо лето одамна е во Европа- стариот континент со својот истанче и пребирлив вкус за културата и уметноста високо го вреднува овој фестивал”, истакна министерката за култура Бисера Костадиновска Стојчевска.
Уметничката порака ја пренесе маестра Бисера Чадловска, која воедно е музички селектор на фестивалот Охридско лето.
„Како ументик кој ја почуствувал возбудата и гордоста кога застанал на овие сцени и од другата страна ги доживувам истите чувства на секој концерт, на секоја театарска претстава на секоја изложба. За нас ументиците овие сцени во Охрид се остварување на соништата кои сме ги сонувале од деца, мислејќи дека можеби никогаш нема да ни се реализираат, но еве сме тука исполнети и горди”, истакна Бисера Чадловска.
Најреномираната музичко сценска манифестација во земјава која традиционално ќе трае 40 денови и годинава ќе биде домаќин на над 1000 врвни уметници од 20 земји од светот. Организаторите на фестивалот и оваа година најавуваат богата уметничка програма, а најголемата ѕвезда, која ќе блесне на фестивалското небо е светски познатиот актер Џон Малкович, кој ќе настапи на Античкиот театар на 26 јули.
Новинар Соња Рилковска