Skip to main content

Се санира мрежата на детските игралишта во Охрид

Санација на заштитната мрежа на повеќенаменските игралишта во градов, косење на трва како и нивно чистење од отпадоци, врши деновиве јавното претпријатие „Градски пазар“. Покрај тоа ова Јавно претпријатие во март месец годинава ќе изгради и ново спортско игралиште за кошарка во населба „Воска“, „Даљан“. 

 |  Николоска Биљана  | 

 

Се поставува нова мрежа на заштитните огради на детските игралишта во Охрид. По налог на Сектор за комунални дејности сообраќај и улици, техничко оперативни екипи на ЈП „Градски Пазар“ ја санираат мрежата на неколкуте детски игралишта во градов. Тоа е во рамки на новата дејност на претпријатието, вели портпаролот на Секторот Љупчо Танески.

„Оваа дејност на ЈП е овозможена како резултат на промената на статутот на ова ЈП и проширување со упис на нови дејности како што се одржување и изградба на спортски повеќе наменски детски игралишта на територијата на општина Охрид, но дејноста во насока на градежни активности на ЈП се прошири и во уште една друга градежна активност, одржување на целокупната вертикална сигнализација односно одржување поправка и замена на сообраќајните знаци на општина Охрид“ 

Во моментов се врши санација на спортското  игралиште на ул „Карпош Војвода“, а во изминатиов период од 20 дена, санирани биле заштитните огради и на уште три детски игралишта, пренесува Танески. Додава дека активностите продолжуваат и понатаму со цел и најмалите жители да можат на пролет да уживаат во благодетите кои ги нудат повеќе наменските детски игралишта. Танески обелодена и за изградба на ново игралиште кое ќе почне да се гради на почетокот на наредниов месец.

„На улица „Бистрица“, во УЗ „Воска“, „Даљан“, ова ЈП за прв пат досега како и од своето постоење по налог на Секторот ќе го изгради и првото спортско игралиште за кошарка, станува збор за терен кој што во моментов е асфалтиран па ЈП ќе има обврска целосно да го загради со метална ограда да изврши обележување на спортскиот терен и да постави конструкција за кош “ 

Според проценките на одговорните лица од Секторот, градежните активности околу изградбата на новото кошаркарско игралиште ќе бидат завршени до средина на месец март годинава. ЈП „Градски Пазар“ во соработка со Секторот за комунални дејности имаат потпишано отворен договор за изведба на тековните активности, така што, портпаролот Танески немаше информација околу тоа колкава е ќе биде финансиската конструкција за зафатите кои што досега се направени и за оние кои следат.