Се шири мрежата на згрижувачки семејства
Анкица и Ладе Крстаноски се згрижувачко семејство од Охрид. Единаесет години згрижуваат деца без родители и родителска грижа, а љубов и внимание досега им дале на четири деца. Тие се грижат за три деца во моментов, а веќе одгледале и полнолетно момче, раскажува со многу емоции Анкица. За да се грижиш за децата е хуман чин и треба голема љубов и широка душа. Среќни сме што имаме повеќе дечиња од различни родители со различни карактери, но така ни е поинтересно. Им даваме еднакво љубов на сите наши деца, раскажува Крстаноска и упатува препорака до своите сограѓани.
Сите деца заслужуваат да им се пружи љубов. Убаво е кога човек ќе му помогне на било кое дете кое нема семејство, да му покаже дека е сакано. Имаме наша ќерка ама сите ги чувствуваме како свои покрај нашата принцеза – вели Крстаноска.
„Стани згрижувач, подај рака- промени живот“ е мотото на националната кампања која започна од јуни годинава во 26 градови во земјава. Министерството за труд и социјална политика, Центарот за помош на згрижувачките семејства и СОС детско село имаат за цел да ги информираат и мотивираат граѓаните да се вклучат во мрежата на згрижувачки семејства, напоменува психологот Јасминка Кочанковска од битолскиот Центар за помош на згрижувачки семејства.
Тие се неопходни и потребни за децата кои останале без родители и родителска грижа кои ги имало, ги има и ќе ги има. Хуманата димензија на овој начин не треба многу да се објаснува. Јасно е дека децата кои немаат можност да растат со билошките семејства да се потрудиме да растат со семејства каде што покрај храна облека и грижа ќе добијат безбедно место и љубов за да растат и да станат самостојни, независни индивидуи, членови на нашето општество – кажа Кочанковска.
Градоначалникот Кирил Пецаков, најави дека и Локалната самоуправа ќе се вклучи во кампањата за поддршка на децата без родители и родителска грижа. На оваа тема веќе разговарале со СОС Детско село за начинот и мерките како да ги поддржат децата лишени од грижа и љубов од биолошките семејства.
Како Локална самоуправа одлучивме во следната година во програмата за социјална заштита покрај останатите мерки за ранливата категорија на граѓани, од 2023 година да има финансиски надоместок за децата во згрижувачките семејства со еднократен износ. Градскиот совет кога ќе се носи буџетот ќе одлучи за висината и за други мерки – истакна градоначалникот Пецаков.
Александра Мојсова, специјалист за застапување и комуникација од СОС детско село, кажува дека од идната година промовирањето на згрижувачките семејства ќе биде поинтезивно според Националната стратегија за деинституционализација.
Во Охрид, има 8 згрижувачки семејства тоа е добра бројка, но како град за пример има уште повеќе можности да згрижи повеќе деца – вели Мојсова.
Граѓаните кои се зaинтересирани за да се вклучат во мрежата на згрижувачки семејства може да ги добијат сите потребни информации на телефонскиот број 075 277 447 и на веб и фејсбук страните zgrizuvanje.mk.