Skip to main content

Се сумираат резултатите од туристичката сезона 2020

 Корона  пандемијата го сопре подемот на рецептивниот туризам на охридското крајбрежје ова лето. Ниската економска моќ на домашните во споредба со странските  туристи не може да го спаси домашниот туризам, сметаат туристичките работници. 

 |  Валентина Неловска  | 

Туристичките работници ги сумираат економските резултати од летната сезона 2020. Во услови на пандемија од ковид 19 и затворени граници странските гости ова лето беа малубројни посетители на охридското крајбрежје. Корона пандемијата го сопре подемот на рецептивниот туризам на охридското крајбрежје кој се случуваше последните години. Туристичките работници правејќи споредба на економската моќ и бенефит од странските и домашните гости сметаат дека не може да очекуваaт домашните гости да го спасуваат туризмот и секторите поврзани со него.

„Туризмот е комплексна гранка од која опстојуваат многу сегменти и економски оператори. Не може да очекуваме домашните туристи да помогнат. Еве видовме во јули, август и дел во септември но голема е разликата на странските и домашните туристи. Економската моќ на странските е многу поголема од домашните. Може да си дозволат поскапи хотели, ресторани, сувенири, бутици сето тоа е поврзано. Не можеме да очекуваме Македонски туристи да ја спасуваат сезоната или да имаме бенефит. Тоа е сведено на многу краток период“, вели Јаким Маленко од ТА Вис Пој.

Домашните гости, пак не можејќи да летуваат надвор од земјава патуваа низ Македонија и одмараа на домашни дестинации и на нашето езеро.Економската криза која ја наметна пандемијата ја принуди државата да го спасува туристичкиот сектор од крах со мотивирање на домашните гости да летуваат на домашни дестинации. За таа цел беа доделени ваучери за летување за одредени категории граѓани. Но, се појавија злоупотреби на граѓани кои не можеа или не сакаа да летуваат од различни причини па ги препродаваа ваучерите за половина цена. Со вклучување на инспекторите се спречени ваквите злоупотреби со ваучерите, кажува Крсте Блажески претседател на Хотам.

„Тоа како барање ќе го има, но се доби пораката од Пазарната инспекција и се доби опомена за оние што се обиделе или направиле такви прекрошоци. Мислам дека во последно време нема многу, јасно е, на тој што гласи ваучерот мора да е присутен со неговата фамилија и само така може да се искористи тој ваучер“.

 
Владата интервенираше со сет економски мерки за помош на домашниот туристички сектор и додели ваучери за одредена категорија на граѓани кои ќе може да ги искористат до крајот на оваа година.