Skip to main content

Се враќа довербата на граѓаните за штедење

Вратена е довербата кај граѓаните за штедење, поради стабилноста на денарот во однос со еврото. И во услови на исклучително ниски каматни стапки, историски најниски, банкарските депозити се главен избор за чување на заштедите од граѓаните и фирмите, велат од банкарскиот сектор. Додека пак на граѓаните кои ги анкетиравме не им останувале пари за штедење.

 |  Николоска Биљана  | 

Штедењето, односно чување, одложување на средствата или ограничување на трошењето е од огромно значење за постигнување на поголеми економски или други цели на поединецот, семејството или општеството. Да се заштеди пари е добар чекор но колку денес може да се постигне тоа. За охриѓани речиси е и невозможно да заштедат некој денар барем според дел од испитаниците во нашата анкета на тема: Дали штедите?

Милчо Митрески директорот на Охридската експозитура на НЛБ Тутунска Банка, пак вели дека изминатиов период политичката криза и нејзините импликации во случувањата на економски план биле главна причина за малите промени во сумата на штедни влогови што се чуваа во домашните банки. Додава дека со нејзино надминување, во моментов депозитната база има тенденција на солиден раст. Митрески информираше дека согласно последните податоци на крајот на септември граѓаните и фирмите во домашните банки чуваат околу 5.218 милијарди евра. Од нив 3.6 милијарди се пари на домаќинствата сто значи дека секој жител на државава во банка има околу 1700 евра во просек. Додека пак според последните податоци на Народна Банка на РМ просечната каматна стапка на депозитите во земјава изнесува 1.3 проценти на годишно ниво. Каматите на денарските депозити на домаќинствата се 2,1 процент во процент во просек додека на девизните депозити каматните стапки се значително пониски. Инаку, денес се одбележува Светскиот ден на штедењето, 31 октомври, кој е востановен на денешен ден во далечната 1924 година на Првиот меѓународен конгрес на штедилниците во Милано, Италија.