Се вжештува атмосферата во ЈП „Билјанини извори“
Вработените во ЈП „Билјанини извори“ утрово одржаа предупредувачки протест.
Вработените во ЈП „Билјанини извори“ утрово одржаа предупредувачки протест. Прагот на трпението очигледно им беше преминат откако првомајските и велигденските празници ги поминале без пари. Незадоволни поради неисплатените плати триесетмина вработени од вкупно педестината кои работат во ова ЈП , се одлучиле преку мирен протест и полчасовен прекин на работата да го искажат својот револт. Раководството на претпријатието не го исполни барањето на синдикалната организација вработените да ги добијат заостанатите четири плати, неисплатените придонеси и здравствено осигурување.
Како што дознаваме, претпладнево претседателството на синдикалната организација имало состанок со разрешениот директор Боро Шаин. Во попладневните часови формирале штрајкувачки одбор со членови од синдикатот.
Донесле и одлука за предупредувачкиот штрајк со причините кои ги навеле за тоа. Одлуката ќе му ја достават на Управниот одбор и на новиот директор кој се очекува наскоро да биде именуван. Досега не побарале средба со градоначалникот Бакрачески.
Од синдикатот најавуваат продолжување со секојдневни протести. Секој работен ден во пет минути до 12 часот на пладне ќе штрајкуваат се до исполнување на барањето вработените да ги добијат неисплатените четири плати.
„Билјанини Извори“ е јавно претпријатие , формирано со одлука на Советот на град Охрид на 28 февруари 2008 година. Неговата основна дејност е стопанисување со Спортско рекреативниот центар Билјанини извори и јавниот паркинг простор по кој основ се слеваат и најголем дел од приходите но дознаваме дека во моментов еден од поголемите должници е и општина Охрид.
{loadposition content9}