Skip to main content

Сектор за туризам и локален економски развој

Се зголемува приходот од туристичката такса во општинската каса

Има приближување на инкасираниот износ од оваа сезона со периодот од пред пандемијата. Од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот и Локалната самоуправа имаат различни гледишта во поглед на начинот за сузбивање на сивата економија во оваа сфера.
 |  инфодеск  | 
Град Охрид

Охридскиот сектор за туризам и локален економски развој бележи позитивни резултати во наплатата на туристичката такса. Се бележи приближување на уплатениот износ по оваа ставка за оваа сезона со периодот од пред пандемијата. Хотелиерите и приватните станоиздавачи уплатиле околу 17 милиони денари туристичка такса до 30 септември годинава, информира Ѓоко Апостолов од Тлер.

Очекуваме до крајот на годината повисок износ, со оглед на тоа што туристичката такса хотелиерите ја плаќаат по завршување на летната сезона. Можеби нема да ја достигнеме бројката од пред пандемиската туристичка сезона, но се доближуваме. Верувам, дека наредната година ќе биде поуспешна и од онаа што беше до 2019 година – вели Апостолов.

Од туристичка такса во 2021 година биле инкасирани 12 милиони денари, во 2022 само 8 милиони денари, а во 2019 која се смета за една од поуспешните летни сезони биле уплатени 22 милиони денари. Од состојбите со прибирање на туристичката такса од регистрираните станоиздавачи и хотелиери не се задоволни од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот. Веруваат дека чинителите на туризмот повеќе бараат помош од државата во овие времиња на економска криза или како што беше во пандемијата ама малку возвраќаат со нивните обврски кон државата. Прстот го вперуваат кон локалните институции како нивен пропуст.  

Секогаш се бара помош од државата како од мајка, а како и враќаме како на маќеа. Земето го приватното сместување во Скопје и Охрид колку станоиздавачи не се регистрирани и колку плаќаат туристичка такса. Можеме да отвориме букинг и да го видиме тоа или пак од соседите да дознаеме кој е регистриран, а кој не. Тој податок треба да го знае општината – истакна Апостолов

Со овој став не се согласуваат од охридскиот сектор за туризам и локален економски развој. Признаваат дека ова е стар проблем кој се провлекува со години, но тие не можат да ги променат работите со двајца инспектори за туризам кои треба да го контролираат крајбрежјето со над 2000  приватни станоиздавачи и голем број хотелски капацитети. Посочуваат дека решение за тоа треба да најде централната власт.

Недореченостите во законската регулатива да се променет. Се залагаме да профункционира туристичка полиција која ќе помогне во откривање на прикривањето на зголемувањето на приходите на централно и локално ниво. Тоа е законска регулатива на централно ниво, а ние како локална самоуправа може да го поттикнеме тој процес – додава Апостолов.  

Во охридската локална самоуправа, по основ на туристичка такса се инкасирани над 15 милиони денари од хотелите, а од приватните станоиздавачи 1,5 милиони денари од почетокот на годината до 30 септември. Овој процент е приближно ист во споредба со приходот по овој основ од минатата година.