Skip to main content

Овоштарство

Се зголемуваат насади со јаткасти овошки

Охриѓани и стружани се одлучуваат за одгледување на орев и лешник затоа што економски се поисплатливи во споредба со други овошни насади. Препораката на агрономите е да се подигаат насади на поголеми површини.
 |  Валентина Неловска  | 

Сопствениците на земјодлески површини подигаат насади со нови култури. Во регионов расте интересот за одгледување на јаткасти овошја. Овоштарите внимателно го следат нагорниот тренд со подигање насади на орев, лешник и бадем кој во земјава зема се поголем подем, велат стручните лица. Агрономот, Мирослав Трајчески посочува дека има повеќе причини зошто овие култури стануваат се поинтересни за овоштарите да инвестираат во подигање на вакви насади.

Популарно станува во споредба со јаболковите насади. Има низа предности во однос на тековното одржување, инвестирање, пласманот, цените на плодовите. Јаткастите овошја се поинтереснои бидејќи се многу помали тековните работи за време на вегетацијата и во заштитата на овошките. Агротехничките мерки се помали во однос на јаболката , а пласманот е реално полесен и плодовите може да се чуваат подолго време“, појаснува агрономот.

Јаткастите плодови се продукти кои ќе бидат барани на пазарите. Подолгорочно се очекува да недостасуваат ореви, лешници и бадеми посебно во преработувачката индустрија. Македонија има погодни климатски услови за одгледување на овие производи. Во охридско струшкиот предничи оревот. Пред неколку години поголем беше интересот за одгледување лешник,а сега има предност оревот, подвлекува Трајчески.

„Струшкиот регион пројавува поголем интерес за разлика од охридскиот. Дебрца е ризична заради ниските температури. Во однос на бадемот тоа е многу интересна култура, но за жал во регионот ризикот од мрзнење е поголем. Пред се ги препорачувам оревот и лешникот. Ако некој сака да сади бадеми треба да бара погодна микролокација каде поретко се јавуваат ниски температури, поотпорни сорти кои покасно цветаат“, препорачува Трајчески.

Агрономот апелира за поголема исплатливост овоштарите да подигаат насади на поголеми површини со цел да добијат поконкурентна цена на плодовите. Поголема површина значи поефтин производ по килограм, укажува Трајчески. Исто така, препорачува при бербата да се применува механизација посебно кај лешникот.