За сечење дрва, потребна е дозвола од градот
Неколку дрвја на ул „Галичица“, искастрени и исечени од страна на несовесни граѓани. За ваквото дејствие досега никој нема доставено барање ниту до општинскиот инспекторат за животна среднина, ниту пак до Комисијата за сечење на дрвја која дава стручно мислење и дозвола за тоа дали дрвото ќе се пресече или не.
Пред станбен комплекс на ул. „Галичица“, деновиве, несовесни граѓани самоволно и непрофесионално искастриле и исекле дрва во дворното место на зградата. Граѓаните кои ги анкетиравме сметаат дека односот на охриѓани кон природата и дрвјата треба да е поодговорен . Тие предложија наместо уништување на дрвјата, доколку на некој му сметаат, да ги повикаат стручните служби и дрвјата да бидат соодветно третирани.
„Мое мислење е дека треба малку да се средат. Може малку да се средат да се дотераат, да не се сечат бидејќи еколошки поздраво е знаеме каква е нивната функција значи не би требало може да се даде една форма и дрвото да живее и да личи“– велат охриѓани.
Општинскиот гласноговорник Томе Џамтоски, откако го запознавме со проблемот, рече дека не знае дали станува збор за заштитени дрвја, но нагласи дека постапката за сечење на дрвја воопшто не е правилно спроведена од страна на оние кои го извршиле ваквото дејствие. Околу тоа како настанал проблемот Џамтоски напомена дека во наредниот период ќе имаме појасна слика, за што дополнително ќе информираат откако ќе го добијат извештајот од надлежната инспекција за животна средина.
„До овој момент нема барање, значи, дали тоа ќе е од месна заедница, група граѓани или друга форма нема барање доставено до општина Охрид за сеча на тие дрвја, претпоставувам дека целата ситуација ќе треба да ја разрешат надлежните од општинскиот инспекторат.“– вели Џамтоски.
Овластениот општински инспектор за животна средина Лилјана Спиркоска, во телефонски разговор за ТВМ рече дека и до нив нема никаво барање за сечење на дрвја од станарите во колективната зграда на ул „Галичица“. Ваквото однесување од страна на поединци е незаконско и несмеат на своја рака тоа да го прават, додава таа. Спиркоска потенцира дека во овој случај ќе мора да поднесат прекршочна пријава до непознат сторител, со цел формално правно да се задоволи постапката. Исто така Спиркоска рече дека ќе излезат на терен уште еднаш да ја согледаат фактичката состојба, да контактираат со Управителот на тој станбен комплекс и да му наложат да ја вратат животната средина во првобитната состојба, односно да посадат нови садници. Инаку глобата за вакви дела доколку сторителот е познат е висока дури до 2000 евра во денарска противредност. Останува нејасно зошто дрвјата се исечени, на кого му сметале и дали истите претставувале некаква опасност.
{loadposition content9}