Седма годишна истражувачка конференција на НРБМ во Охрид
„Речиси една деценија по кризата: На патот кон новиот глобален циклус и нормализирање на монетарната политика“. Вака е насловена седматa годишна истражувачка конференција на Народната банка на Република Македонија која се одржува во Охрид .
Охрид е домаќин на седматa годишна истражувачка конференција во организација на НБРМ. На овој собир банкари дискутираат за посткризниот период и работењето на централните банки. Претставниците на централните банки на повеќе држави од ЕУ и пошироко, на Европската централна банка, на финансиски и државни институции, како и професори на академски институции од повеќе држави учествуват во работата на конференцијата насловена, „Речиси една деценија по кризата: На патот кон новиот глобален циклус и нормализирање на монетарната политика“. Свое обраќање имаше гувернерот на НБРМ, Димитар Богов, кој се осврна на актуелните состојби во светската економија, но и на македонската економија во поглед на соочувањето со новиот глобален циклус.
„Во овој момент, прашањата коишто треба да си ги поставиме и на коишто треба да се осврнеме за време на Конференцијата би биле, колку е силно и одржливо глобалното закрепнување, кои се причините за намалената инфлација, каква треба да биде динамиката на нормализацијата на монетарната политика, дали банките се поеластични сега, дали сме подобро подготвени да ги спречиме ризиците? Можеби ова се едноставни прашања, но како и во многу други случаи во реалниот живот и во вистинската економска рамка, немаат едноставни одговори“
На првата сесија од првиот работен ден на Конференцијата беше врачена Годишната награда за најдобар труд на млад истражувач од областа на макроекономијата и банкарството, којашто Народната банка традиционално ја доделува од 2007 година па наваму. Годинава му е доделена втора награда на младиот истражувач Кирил Симеоновски, за трудот „Економски раст во услови на оптимално управување со јавниот долг во Македонија“. Инаку на Конференцијата денес беа презентирани истражувачки материјали на претставници на централните банки од Полска, Чешка, Индонезија и Австрија, на претставници на Европската централна банка, како и на претставници од истакнати академски институции од Италија, Шведска и од Македонија. Оваа конференција традиционално се одржува во знак на одбележување на монетарното осамостојување на Република Македонија.