Skip to main content

Седми Вдиши Театар во Охрид

Во тридневната програма ќе се претстават талентирани млади актери-аматери од организациите на Црвен крст од Охрид, Битола и Чајетина, Златибор-Србија.
 |  инфодеск  | 
Вдиши театар

Седмо издание на меѓународниот аматерски театарски фестивал „Вдиши Театар.

После две пандемиски години пауза, со големо задоволство и возбуда од ЦК Охрид го најавуваат реализирањето на Вдиши театар во рамки на своите програми за промоција на хумани вредности, култура на дијалог и за поттикнување на креативноста на младите.

Весна Терзиоска, потпретседател на Општинската организација на Црвен Крст Охрид како дел од организациската структура најавува учество на еминентни уметнички групи кои ќе приредат вистинско уживање за сите сетила, а притоа ќе се рашири идејата за хуманост и правење убави дела.

Фестивалот започнува денес 22ри јуни, а ќе трае до 24 јуни петок.

Во предворјето на Св.Софија, во 21 часот, свеченото отворање ќе биде со музичко-поетскиот перформанс „Да бидеме подобри“. Оваа година, поради двегодишната пауза, имаме малку поинаков концепт на Вдиши Театар. Ќе го отвориме со музичко поетскиот перформанс како извор на стихови од познати македонски автори“– прецизираше Терзиоска.

Овој музичко-поетски перформанс е под авторство и режија на Емилија Блажеска, Весна Терзиоска и Јованка Сион Доленц. Традиционално театарот го отвораат волонтери на ЦК Охрид, а нашите соговорници за прв пат се дел од овој фестивал.

Мојот лик во улогата е рамнодушен и безнадежен. Тој ја има изгубено целата смисла за животот, а околу него стојат трите добрини кои го убедуваат да стане и да прогледа и да го види доброто во светот“– кажа Ангел Карали.

Мојата улога во овој перформанс е за да не ја заборавиме вистината, да бидеме подобри, им го кажувам тоа на секој можен начин, иако малку со карање, за да го сфатат тоа“ – вели Адела Абаз.

Во остатокот од тридневната програма, својот актерски талент, умешност и креативност, низ 3 театарски претстави и едно премиерно филмско издание, ќе го прикажат повеќе од 30 талентирани млади актери-аматери од организациите на Црвен крст од Битола и Чајетина.

Фестивалот ќе биде затворен со култната претстава „Чудо у Шаргану“ на специјалните гости театарската група „Инет“ од Чајетина, Златибор, Ужице-Србија, која ќе биде одиграна во петок, во предворје на црквата Св.Софија, во 21ч.

Влезот на настаните е слободен.