Националната комисија за УНЕСКО денеска во Охрид ќе ја одржи третата седница.
Според најавите на седницата ќе се разгледуваат забелешките и препораките на светската организација околу состојбите со Охридскиот регион и ќе се одредат потребните активности кои треба да се преземат за регионот да не влезе на листата на светско природно и културно наследство во опасност.
„Во Охрид ќе го одржам следниот состанок на Националниот совет за УНЕСКО, во кој членуваат повеќе од 16-17 институции. Ќе проговориме реално за проблемите и забелешките, односно за препораките од УНЕСКО. Ќе донесеме заклучоци, ќе ја информирам Владата и ќе видиме кои ќе бидат следните чекори. Имаме краток период до февруари наредната година да го поднесеме извештајот за конкретните чекори, што ќе ги преземеме.“ – изјави вчера министерот за култура и туризам Зоран Љутков за ТВ Канал 5.
Комитетот за светско наследство на УНЕСКО на 47-та сесија што се одржа во месец јули во Париз донесе одлука со која на Македонија и Албанија им даде дополнителен рок за спроведување на активности за зачувување на светското природно и културно наследство на Охридскиот регион, со што по трет пат го одложи ставањето на регионот на листата на загрозени наследства.