Друштвото за истражување и развој „Сефиданис” од Охрид доби официјален Сертификат од Стопанската комора на Македонија со кој се потврдува регистрацијата на компанијата за истражување и развој, нејзините потенцијали за надворешна трговија, и најважно, статусот на единствен производител за производните категории: хуманоиден робот, паметен споменик
и телемедицински уред.
Од компанијата истакнуваат дека ова признание е значајна потврда за нивните технолошки и иновативни капацитети за производство на хуманоидни роботи, паметни споменици и телемедицински уреди базирани на вештачка интелигенција. Сертификатот ќе ги поедностави извозните процедури, ќе ја прецизира царинската класификација и во исто време отвора нови можности за меѓународни партнерства.
–Од Охрид, преку Н99, до светот, докажуваме дека големи работи се прават и дома. Да не чекаме совршени услови, да ги создадеме заедно, вели основачот на Друштвото за истражување и развој „Сефиданис”, проф. д-р Анис Сефиданис, кој инаку работи и како професор на Факултетот за машинска интелигенција и роботика на Универзитетот за информатички науки и технологии „Св. Апостол Павле“ во Охрид.
