Skip to main content

Секоја сабота во црквата Св. Богородица Каменско ќе се одржува интерактивна трибина за млади

Во време кога проблемите, искушенијата и пороците на современиот начин на живот се повеќе ги притискаат младите, свештенството од црквата Св. Богородица Каменско прави обид да го слушне нивниот глас и да им ја приближи религијата. Секоја сабота, започнувајќи од утре, по вечерната богослужба, ќе се одржуваат интерактивни трибини на теми од секојдневниот живот, на кои е добредојден секој кој што е заинтересиран.
 |  инфодеск  | 

Свештенството од Црквата Св. Богородица Каменско започнува со организирање трибини на разни теми од секојдневниот живот, за проблемите и искушенијата со кои се соочуваат младите луѓе во современиот свет. Станува збор за интерактивна трибина која ќе се случува секоја сабота после вечерната богослужба, во 17 часот, во административните простории на црквата. Младиот човек ја чувствува црквата како нешто круто, далечно и недостижно , нешто за кое самиот човек не е достоен, но ние како луѓе сме повикани преку верата и Бог кон покајание и кон спасение, вели иницијаторот на трибините, отец Љупчо Бакрачески.

– Ова е нешто ново, не станува збор за веронаука од класичен тип која ја познаваме. Целта ни е да ги доближиме и да им ја објасниме црквата на младите за да го чујат гласот на црквата, меѓутоа исто така цел ни е и црквата да го чуе гласот на младиот православен свет бидејќи во денешно време многу е тешко, младиот човек се соочува со разноразни изкушенија, премрежија, преполно е пороци и веќе доаѓаме до ситуација каде што младиот човек дури не знае кој светски тренд е полезен или е нормално да се прифаќа, да се биде модерен, а кој веќе станува душепогубен, а тоа е страшно за секоја душа, особено за православниот човек кој мора да знае кон што се стреми и како раководи со својот живот, вели отец Љупчо.

Со благослов на митрополитот Дебарско-кичевски, неговото Високопреосвештенство Г. Ѓеорги циклусот на трибини започнува утре (15.11. 2025), а првата тема е Заедницата која го преживеа падот , односно посветена е на брачната заедница.

– Трибините се од отворен тип, добредојден е секој човек и потенцираме дека трибините се интерактивни, значи станува збор за предавања, меѓутоа со многу повеќе време оставено за прашања, за размислувања , за дебати , дискусии, вели отец Љупчо.

Отецот Љупчо Бакрачески очекува голем интерес и се надева во скоро време административните простории на црквата да станат претесни за сите оние кои ќе сакаат да учествуваат на трибините.