Семејствата на лица со попреченост на локално ниво се соочуваат со голем број проблеми
Социјалните, здравствените и образовните услуги за семејствата на лица со попреченост на локално ниво се недоволни. Здружението за поддршка на деца и млади со различности „Сината Птица – Скопје“, преку проектот „Од закон до реалност“ ќе формира работни група составени од родители, претставници на локалните институции и локалната власт, кои ќе ги детектираат проблемите на локално ниво и ќе ги разгледуваат опциите за нивно решавање.
Семејствата на лица со попреченост на локално ниво се соочуваат со недоволни социјални, здравствени и образовни услуги. Ова го покажува извештајот „Од закон до реалност“ на Здружението за поддршка на деца и млади со различности „Сината Птица – Скопје“, по истражувањето спроведено во три општини низ Македонија – Охрид, Боговиње и Берово. Целта на проектот е јакнење на капацитетите на семејствата кои имаат деца со попреченост. Истражувањето е направено преку фокус групи, каде низ директните сведоштва на родителите се пренесени условите и проблемите со кои се соочуваат семејствата на лицата со попреченост од овие општини.
Најголем проблем кај телесно инвалидизираните лица е попреченоста на движењето низ градов. Дури и овде во општинскава зграда движењето ни е отежнато затоа што на влезот има неколку скали, а нема рампа па оној кој е со инвалидска количка тешко може да пристапи. Нејасно е зошто зградата која се гради еи е нова нема пристап за инвалиди. Ние ќе бараме дури и лифт да се направи за да можеме полесно да функционираме, вели Венко Голабоски, претседател на Здружението Мобилност.
Генералниот впечаток е дека неопходни се сеопфатни системски мерки, поголема сензибилизираност и поорганизиран пристап во трите сектори образование, социјална и здравствена заштита со цел вистински да се подобри квалитетот на живот на лицата со попреченост и нивните семејства. Социјалните услуги во многу случаи не се доволни и тие главно се сведуваат на парични трансфери. Вклучувањето на лицата со попреченост во образовниот процес, според истражувањето, останува голем предизвик поради недоволната подготвеност на наставниците, недостаток на стручни кадри и немањето поддршка од државните институции, додека во училиштата нема ниту доволно материјали за различни попречености. Физичката непристапност на здравствените институции и несоодветниот однос на здравствените работници на локално ниво ги принудуваат родителите да одат до клиничките болници во поголемите градови дури и за мали интервенции.
Локлалната власт малку повеќе да ги отвори вратите за овие лица и да отвори посебни оддели и да назначи лица кои ќе им пристапат на лицата со попреченост и на семејствата на овие лица бидејќи локалната власт е првото скалило , првата врата на која треба да тропнат и таа врата треба секогаш да биде отворена, вели Мимоза Петревска Георгиева, претседател на Здружение Сина птица.
Крајната цел на проектот е создавање на неформални мрежи на родители во секоја општина од кои ќе се формира работна група составена од родители, претставници на локалните институции и локалната власт, кои понатаму ќе ги детектираат проблемите на локално ниво, ќе ги разгледуваат опциите за нивно решавање и ќе лобираат кај повисоките инстанци. Проектот „Застапуваме, зајакнуваме, се поврзуваме“, е поддржан од „Швајцарската агенција за развој“ преку програмата Civica Mobilitas.