Семејството Чифлиганец подели 50 хуманитарни пакети
Во соработка со општина Охрид и Црвениот крст, поделија 50 хуманитарни пакети на социјално најзагрозените семејства од општините Охрид и Дебрца.
Продолжува хуманата мисија на актуелниот кум на манифестацијата „Водици“, проф. Д-р Ванчо Чифлиганец. Тој, заедно со своето семејство денес во соработка со Црвениот крст од Охрид и локалната самоуправа донираа 50 социјални пакети за најзагрозените семејства од општините Охрид и Дебрца.
Ова е трета ваква хуманитарна акција на семејството Чифлиганец. Вакви пакети тој додели и за празниците Богојавление и Велигден минатата година.
„Морам да кажам дека не само за оваа година додека бев кум за Водици, секогаш кога ќе имате потреба и кога ќе бидам во можност, а сега сум во можност, во границите на можностите, како личност, како семејство, Данка и Ванчо Чифлиганец со децата и како компанија Адора Инженеринг сум на располагање да помагам. И сакам да кажам дека Охрид го чувствувам како да сум роден и како да сум живеел и се повеќе го чувствувам.“-вели проф.д-р Ванчо Чифлиганец, генерален директор на „Адора Инженеринг-Скопје“.
Секретарот на општина Охрид, Димитрија Вревезоски, како претставник од локалната изрази благодарност до семејството Чифлиганец за нивните хумани заложби, но и посака да има што помалку семејства на кои им е потребна ваква помош.
„Би сакал да изразам една огромна благодарност до господинот Чифлиганец и семејството и компанијата Адора Инженеринг за се она што во текот на оваа година го направија за Охрид како на план на она што е инвестиција во градот и останатите активности и подршка на вакви хуманитарни акции и соработка во повеќе сфери од нашата надлежност како локална самоуправа.“-рече Вревезоски.
Оваа хуманитарна акција секако беше во коорганизација на Црвениот крст од Охрид. Претседателот на Црвениот крст, Сашо Точков вели дека му е задоволство да соработува со хуманото семејство Чифлиганец.
„Нашата соработка продолжува и понатака. Овие хумани луѓе треба да бидат само пример за сите во државата за сите во нашето окружување, затоа што нема подобро чувство од хуманоста, од тоа да се помогне некому. Тоа е видливо и гледа кај господинот Чифлиганец и неговото семејство.“-изјави Точков.
Инаку доделувањето на овие хуманитарни пакети е само дел од бројните активности на д-р Чифлиганец. Тој во рамките на своето кумство за Водици 2012 година стипендираше и двајца талентирани студенти од Охрид, беше еден од спонзорите на меѓународниот фестивал Охридско лето, ја подржа и кајак-кану регатата Охрид 2012, акцијата За посреќно детство и многу други актовнисто.
Д-р Чифлиганец уште еднаш потсети дека за година дена ќе биде изработено и спомен обележјето за Водици во Охрид.
{loadposition content9}