Skip to main content

Семејството Талеви одбележува јубилеј, сто години изработка на охридски бисери

Традицијата и тајната формула стара еден век во семејството се пренесува од колено на колено. Климент Талев на 83 годишна возраст се уште изработува бисери и е пресреќен што го доживеал јубилиејот и што ги гледа својот син и внук како продолжуваат занает кој започнал далечната 1924 година.
 |  инфодеск  | 

Охридските бисери се еден од најпознатите брендови на градот. Накит од далеку прочуените бисери произведуваат само две охридски семејства со долга традиција Талеви и Филеви. Годинава семејството Талеви одбележува јубилеј 100 години од изработката на првиот охридски бисер.

Климент Талев на 83 годишна возраст секој ден е во својот дуќан во охридската чаршија, се уште изработува бисери и своите искуства и знаење ги пренесува на своите потомци. Вели дека е неизмерно среќен што го доживеал овој голем јубилеј.

„ Одбележувањето на 100 годишнината од изработката на првото седефесто зрно од рацете на мојот покоен татко Ване, јас со зборови не можам да го опишам. Тоа е еден голем јубилеј којшто за нашата фамилија е голема чест и голема радост, посебно за мене на овие години што дочекав да сум здрав и жив и да прославам заедно со мојот син, мојот внук, фамилијата и нашите пријатели.“ – вели Климент Талев.

Баба ми покојна велеше да изброиш до 100 е многу, а не да издржиш 100 години во бури и премрежја. Товарот е голем, нешто што започнал дедо ми покоен во 1924 година, продолжил татко ми јас сум трета генерација, а ќе продолжи мојот син, продолжуваме понатаму. “ – вели Ване Талев.

Во бисерните нишки од семејството Талеви е вткаена посебна формула и многу љубов. Охридскиот бисер е посебен и уникатен, не само поради емулзијата направена од рибино сребро добиено од охридската плашица, која е тајна чувана и пренесувана од колено на колено, туку и поради целосно рачната изработка.

„Има многу финеси во самата изработка. Колку да се натопи четчето во емулзија, колку блиску да се држи тоа до самото зрно, колку да притиснеш при нанесувањето врз површината на зрното, сето тоа се , како што велиме ние мајсторите, цаки. За да не се познаваат линии дека е рачно изработено, туку да има еден идеално мазен филм одозгора, потребно е големо искуство и техника. Во тоа е тежината.“ – објаснува Климент Талев.

Во Брисел во 2001 година Охридскиот бисер на Фамилија Талеви доби европско признание Златен медал врз основа на кое Министерството за економија го сертифицирало нивното производство.