Skip to main content

Семејството Матилоски бара убиецот на Димитар да одговара за свирепо убиство

Незадоволни од судско медицинското вештачење врз основа на кое охридското јавно обвинителство поднесе обвинителен акт за убиство, семејството направило ново, приватно вештачење кое според нив, ги потврдува нивните тврдења дека станува збор за свирепо убиство, а не како што стои во обвинителниот акт, само убиство.

 |  Мишел Наумоски  | 

Промена на обвинителниот акт за убиецот на младиот Димитар Матилоски, кој беше смртно претепан на новогодишната ноќ, бара неговото семејство. Тие сметаат дека им се прави голема неправда со тоа што охридското основно јавно обвинителство пред само неколку дена поднесе обвинителен акт против српскиот државјанин кој се товари за убиството во кој тој е обвинет само за убиство наместо за свирепо убиство. Сестрата на убиениот Димитар, Цветанка Матилоска-Пешиќ, вели дека тие се незадоволни од судско-медицинското вештачење кое било направено во Битола, а кое според нив содржело многу нелогичности и нетретирани докази. Матилоска-Пешиќ вели дека тие веќе 5 и пол месеци живеат со неподнослива болка, а згора на тоа мора да се соочуваат и со судството.

„Ние како семејство направивме приватни судско-медицински вештачења кои што се различни од судско-медицинското вештачење кое што е направено во Битола. Новото судско-медицинско вештачење ги има сите елементи дека станува збор за убиство на свиреп и подмолен начин како доказ. Во ваква ситуација кога има две спротивни вештачења, судот по закон е должен да направи или усогласување на вештачењата, или да наложи супер вештачење. Во овој момент судот нема направено ништо од тоа. Ние бараме да се задоволи правдата. Нашата загуба е ненадоместлива, нашата болка е огромна, никој не може да го врати изгубениот млад човечки живот, но ние навистина бараме судот да се завземе  и да докаже дека работи по законот бидејќи ги има сите докази во свои раце.“-вели сестрата на Димитар, Цветанка Матилоска-Пешиќ.

Денес семејството Матилоски, заедно со другарите на убиениот Димитар од пред охридскиот суд побараа преиначување на обвинителниот акт и уважување на доказите кои ги содржи дополнително извршеното приватно вештачење. Другарите на Димитар сеуште не веруваат дека него го нема, но велат дека не се откажуваат додека правдата не се задоволи.

„Димитар беше многу добро, воспитано дете, со ненасилни дејствија, што никогаш во животот немаше направено некое лошо дело, и со неговото прерано заминување остави преголема, длабока дупка во срцата на сите наши другари и ние како негови другари ќе се бориме за правдата да излезе како што треба, другари бевме од најмали нозе, од четири-пет години, откако почнавме да се движиме како човечки битија, другарувавме со него и моментално нас ни е многу тешко, поради неговото заминување.“-рече еден од другарите, Емил Ристевски.

Адвокатот на семејството Матилоски, Еленко Миланов, дециден дека станува збор за убиство извршено на подмолен и свиреп начин.

„Има и елементи на подмолност и елементи на свирепост во начинот на кој е постапувано и се нанесени повредите кај сега починатиот бидејќи не се работи за ниту една директна повреда со смртна последица туку збир од повеќе повреди кои што не морале да се продолжат и не морало да оди на тој начин со што сигурно не би дошло до ваква последица.“-изјави Миланов.

Младиот Димитар Матилоски пред повеќе од пет месеци, на новогодишната ноќ пред кафе барот Табана беше смртно претепан, а за неговото убиство се товари српскиот државјанин Б.У. Инаку, според нашиот кривичен законик, според членот 123, тој што друг ќе лиши од живот ќе се казни со затвор најмалку пет години, односно најмалку десет години или доживотен затвор доколку убиството е извршено на свиреп и подмолен начин.