Skip to main content

Бегалци Украина

Семејството Орловски се привикнува на живот во Струга

Семејството Орловски од Украина кое е бесплатно сместено во вила во Струга полека се привикнува на животот далеку од татковината. Сопственикот на вилата кој го отвори својот дом, вели од хуманитарни побуди преку социјалните мрежи понудил помош за бегалци од Украина.
 |  инфодеск  | 
семејство од украина во струга

Седумчленото семејство Орловски од Запорожје, Украина веќе десетина денови живее во Струга. Бесплатно се сместени во вила во центарот на градот и добиваат хуманитарна помош во храна и облека од стружани.

Сопственикот на вилата, Алберт Хани го отвори својот дом, без никаков надомест. Од хуманитарни побуди преку социјалните мрежи, вели понудил помош за бегалци од Украина.

Немаме намера да профитираме од тагата на луѓето кои што заслужуваат да живеат едноставно во мир. Ние сме спремни да ги поддржиме колку што можеме финансиски, но добредојдена е помошта која ја добиваме од сограѓаните од тука во Струга, па и околината од Охрид, Битола, Скопје итн. Цела Македонија има добронамерни луѓе кои помагаат на семејството, а тоа е заедничка вредност добродушноста, гостопримливоста кои треба да ги зачуваме – вели Хани.

бегалци украина

Владимир и Марија со своите пет деца, уште едно дете од пријатели, кое го понеле со нив и кучето миленик се привикнуваат на животот во градот на мостовите. Со голема болка раскажуваат дека во нивната земја страдаат невини жртви.

Мариупол е многу блиску до нашиот град Запорожје, околу 200 километри оддалеченост. Во Мариупол е ужасна состојбата и луѓето кои сакаат од таму да избегаат во блиските градови се жртви на војската, ги убиваат, пукаат во мирољубиви граѓани – вели Владимир Орловски.

Марија е лекар нутриционист, а сопругот бил благајник. Тие сега бараат работа за самостојно да ја обезбедуваат својата егзистенција.

Во тага по сопствениот дом, спокојниот живот и својата татковина од каде избегале во страв поради секојдневните пукотници, бомби и гранати, сега живеат во надеж војната што поскоро да заврши и набрзо да се вратат кај своите роднини и пријатели.

Новинар : Соња Рилковска