Семинар за планинско спасување во организација на Националниот сојуз се одржа на Галичица
На неколку локации во Национален парк Галичица, минатиот викенд се одржа значаен едукативно-координативен собир за планинско спасување, на кој учествуваа претставници од речиси сите организации членки на Националниот сојуз за планинско спасување.

Фокусот на собирот беше усогласување на стандардите за имобилизација и транспорт на повредени лица на нетехнички планински терен, во согласност со препораките на ICAR – Меѓународната комисија за алпско спасување. Со оваа активност започнува важен двегодишен процес за адаптација на националните стандарди според меѓународните практики, сертификација на спасувачите и примена на современа опрема и техники за ефикасно и безбедно изведување на спасувачките операции.

Особено значајно е што за време на настанот беше формализирана соработката помеѓу Националниот сојуз за планинско спасување (НСПС), Македонска алпинистичка федерација (МАФ) и Македонска асоцијација на интернационални водичи во планина (МАИВП), преку потпишување на договор за стратешко партнерство. Со тоа, трите организации се обврзаа на заедничка работа за унапредување на спасувањето и безбедноста во авантуристичкиот туризам и планинските спортови.

На собирот учествуваа спасувачи и претставници од Охрид, Скопје, Струмица, Штип, Кочани, Велес, Тетово и Вевчани, како и официјални претставници од МАФ и МАИВП.
Домаќин на настанот беше Алпинистички клуб Патагонија Охрид, во соработка со Ohrid red cross – Mountain Rescue Service (Планинската Спасителна Служба при Црвен крст Охрид), а активноста беше финансиски поддржана од VLT – Државна видеолотарија.

Иако чекорите кон унапредување се јасни и силни, и понатаму останува отворено прашањето за институционална поддршка од страна на државата. Интензивно се работи на изнаоѓање соодветно решение, во согласност со европските практики, за конечно воспоставување на функционална и ефикасна Планинска спасителна служба на национално ниво, потенцираат од Националниот сојуз за планинско спасување.