Шест новоинфицирани со ХИВ во регионов
Охридскиот центар за јавно здравје, годинава евидентирал шест новоинфицирани лица заболени од ХИВ/СИДА. Од нив по две лица се откриени во Охрид, Струга и Дебар. Новоинфицираните лица се на возраст од 40 до 44 години. Годинава од СИДА починале три лица. Во Охрид, од почетокот на епидемијата на ХИВ /СИДА до денес, регистрирани се 17 случаи на оваа болест, информира епидемилогот д-р Јованка Стурлакова Коровешоска од ЦЈЗ Охрид.
„За време на пандемијата со ковид имавме мал број на тестирања и малку новооткриени случаи. Со олабавување на мерките има повторно тестирања и новорегистрирани случаи во Охрид, Струга и Дебар“.
Охридскиот Црвен Крст активно се вклучува во глобалната кампања за борба против ХИВ/СИДА која годинава се одвива под мотото Rock the Ribbon. Планирани се низа активности за подигање на јавната свест за превенција на ширењето на оваа болест, со акцент на едукација на помладата популација, информира претседателот Сашо Точков.
„Волонтерите се на терен,насекаде, го делат симболот црвени панделки и ја потсетуваат јавноста дека Сидата постои. Даваат поддршка на оние кои живеат со ХИВ АИДС вирусот.Важно е дека ќе има типизирани предавања во сите основни и средни училишта.Пред се во неделата на борба против сида од 1 – 7 декември, ќе има активности со низа работилници, трибини за младите да се запознаат со пренесувањето на знаењето кај врсниците кои не знаат за оваа болест“, вели Точков.
Во Македонија од почетокот на епидемијата на Сида до 30 ноември 2022 година се евидентирани 570 лица инфицирани со Хив Сида. Од нив 360 се Хив позитивни, 214 се заболени од Сида, а починале 123 лица. Доминира машката популација од кои 516 лица се на возраст од 25 до 39 години. Најчесто, преносот е преку хомосексуален контакт, а на овој начин се инфицирале 347 лица, информира епидемилогот д-р Стурлакова Коровешоска .