Охрид Ултра-Треил е меѓународен спортски настан кој еднаш годишно се одржува во Националниот Парк Галичица и регионот Охрид-Преспа. Годинава учество ќе земат рекордни 448 планински тркачи, од вкупно 35 земји, информираат организаторите.
Шестото издание ќе опфати 5 трки во планинско трчање на 107, 66, 42, 22 и 10 км со различни временски стартови и локации. Стартот на трката од 107 км е на Градскиот плоштад во 23:00 часот на 24-ти мај. Останатите трки се одржуваат на 25-ти мај. Стартот на трката на 66 км е од Св. Наум во 07:00 часот, а трката на 40км за брзо трчање ќе започне од Пештани во 09:00 часот. Летница треил трката на 22км ќе стартува од Велгошти во 11 часот.
Новина оваа година е јуниор треил трката на 10 км, наменета за деца од 13 до 18 години, на која ќе учествуваат 60-на тркачи, која исто така ќе стартува од Велгошти, но во 10:30 часот. Финишот за сите пет трки ќе биде на градскиот плоштад.
Секој тркач ќе добие БИБ број со чип кој треба да биде поставен исклучиво на предната страна од телото и да биде видлив во текот на целата трка. Поставувањето на БИБ бројот на ранец е забрането.
Годинава за првпат ќе се организира и Експо, во спортската сала „Билјанини извори“ во петок, 24-ти мај, од 09:00 до 21:00 часот. Настанот е поддржан од Општина Охрид.