Skip to main content

Сеуште е голема бројката на луѓе кои прерано умираат заради срцеви заболувања

Секоја година, Светскиот ден на срцето, 29ти септември огромен број здравствени работници, граѓански здруженија, државни иституции и стручни асоциации многу го посветуваат на подигнување на свеста кај населението за ризик факторите за кардиоваскуларни заболувања со цел да се намали бројот на прерано загубени животи. На градскиот плоштад во Охрид, во сабота стручни екипи од Заводот за кардиоваскуларни болести ќе вршат бесплатни превентивни прегледи и ќе даваат совети на граѓаните поврзани со здравјето на срцето и крвните садови.

 |  Николоска Биљана  | 

 

Денес се одбележува Светскиот ден на срцето. 29 септември како датум е востановен од страна на Светската федерација за срце уште пред 16 години, односно од 2000 година. Заводот за Кардиоваскуларни заболувања од Охрид пред повеќе од 10 години се влкучи во одбележување на овој ден, меѓу првите во земјава, а од пред 4 години Светскиот ден на срцето го одбележува во соработка со Општина Охрид. Д-р Гордана Коњаноска нагласи дека потребата од постоење на еден ваков ден ја налагаат бројките кои што поразителни. Имено тие говорат дека над 17 милиони луѓе годишно од светската популација прерано умираат заради срцеви заболувања и мозочен удар.

„Тое е една многу голема бројка од прерано изгубени животи, тоа укажува на потребата дека треба да се подигне свеста кај населението дека огромен број од ризик факторите кои што доведуваат до овие заболувања можат да бидат модифицирани, односно нивното влијание може да биде минимизирано и на тој начин значајно да се одложи смртниот исход

Д-р Коњаноска истакна дека превенцијата на кардиоваскуларните заболувања е посебно важна во намалување на ризик факторите. Таа нагласува дека на тоа посебно треба да обрнат внимание луѓето кои се сметаат здрави, бидејќи оние кои веќе имаат кардиоваскуларни проблеми редовно се во директен контакт со здравствените работници.

„Оние кои што се условно здрави се тие кои остануваат недоволно информирани за можноста да откријат одредени ризик фактори и да ги модифицираат. Секако дека постои…тоа е контрола на крвниот притисок, на вредностите на шекерот во крвта….тоа се состојби кои што можат многу долго да одат без симптоми, а луѓето да ги имаат. Тоа треба да се направи на примарно здравствено ниво повремена контрола на електрокардиограм и при минимални симптоми и да не зборуваме за модифицирање на начинот на живот

Модифицирањето на начинот на живот, на исхраната, свеста за потребата од редовна физичка активност, начините на кои што треба да се контролира стресот, секако со совет на здравствените лица, во многу може да допринесат луѓето поадекватно да се справуваат со ризик факторите за да не дојде до кардиоваскуларните заболувања, потенцира Коњаноска. На светско ниво се забележува тренд на опаѓање на инциденцата од овие заболувања и без сомнение се смета дека тоа е резултат на добро спроведените вакви кампањи во минатото, кои довеле до намалување на ризик факторите со што е намалена и смртноста, за жал нашата земја е во категорија на земји која што треба уште многу да работи, да ги трансферира тие искуства за да стигнеме до слични резултати.На градскиот плоштад во Охрид, на 1 октовмри, сабота во периодот од 9 до 13 часот ќе биде поставен шатор, каде стручни екипи од Заводот за кардиоваскуларни болести ќе вршат бесплатни превентивни прегледи и ќе даваат совети на граѓаните поврзани со здравјето на срцето и крвните садови.