Шахот успешно реализиран во Братство Единство
Основното училиште „Братство Единство“ од Охрид предничи во реализација на наставата на изборниот предмет Шах, на локално и на државно ниво. Бирото за развој на образование програмата ја одобри во месец август, а од септември шахот е на листата со изборни предмети во основните училишта во Македонија. Училиштето „ Братство Единство “ ја има предноста што во своите редови го има професорот Борис Лушески кој ја изработи деталната методологија за предметот, а помогна и во подигнување на капацитетот на наставниците. Мирјана Карамешиновска одделенска наставничка во петто одделение, вели дека учениците покажале голем интерес, дека взаемно научиле многу, уживаат, се натпреваруваат, а преку шахот го развивааат другарството.
„Почнавме од септември, 2 пати неделно, во вторник и во четврток. Во првите месеци, додека беше потопло, во нашиот двор имаше шаховски табли изработени од наставникот и часовите ги држевме надвор каде што имавме публика, ученици и родители и беше многу интересно за дечињата, беа многу воодушевени и со нетрпение чекаа да дојде часот за изборниот предмет шах.“, кажа Мирјана Карамешиновска одделенска наставничка.
Во тековната учебна година во ОУ „Братство Единство“ предметот шах го следат околу 170 ученици, дел од нив како изборен, а дел како слободни активности.Оваа интелектуално спортска дисциплина полека го зазема своето место во воспитно образовниот процес во училиштето, а учениците имаат бројни придобивки вели Џемал Мехмед, Директор на училиштето.
„Покрај директно што имаат напредок во шахот има и индиректно бенефиции, имаат подоборо сфаќање по математика и логичните предмети, бидејќи шахот покрај спортската и интелектуалната дисциплина, учениците што генерално играат и тренираат шах имаат подобрен успех и по другите предмети.“, потенцира Џемал Мехме – Директор на училиштето.
Голем број ученици од училиштето се и членови на Шаховскиот клуб Ласкер. Тие учествуваат на поединечни и клубски државни натпревари и во младинските категории на репрезентацијата на Македонија, каде покажуваат завидни резултати.