Шајн: Граѓаните не се банкомат, заслужуваат рационализација и подобро менаџирање
Претседателот на Општинската организација на СДСМ Охрид, Асен Шајн, реагира на поскапувањата на услугите на јавните претпријатија, за кои одлуки беа донесени на последната седница на градскиот Совет, оценувајќи дека товарот повторно се префрла врз граѓаните. Според него, локалната власт нуди „иновативно” решение за проблемите во општината, кое, како што наведува, веќе втор мандат се сведува на нивно решавање преку џебот на граѓаните.
Тој посочува дека објаснувањето за поскапувањата,зголемени плати и повисоки режиски трошоци е делумно оправдано, но отвора клучно прашање за тоа кој треба да го сноси товарот.
„Дали тоа треба да биде општината, која управува со јавните претпријатија или повторно граѓаните преку нови и нови поскапувања? Како и секогаш до сега владејачката ДПМНЕ се одлучи за втората најлесна опција за нив. Нека плаќаат граѓаните! Паркингот поскапува за 30%.. Гробарината – за неверојатни 50%. Комуналните услуги – повторно 30%. Сите овие услуги не се луксуз. Тие се основни, секојдневни потреби. Тоа се таканаречени режиски трошоци кои директно го погодуваат секое семејство.“– вели претседателот на ОО на СДСМ Охрид, Асен Шајн.
Граѓаните преку плаќање на поскапи јавни услуги, се грижат за себе и за функционирање на јавните претпријатија наместо грижа да добијат од локалната власт преку рационализација и подобро менаџирање, вели Шајн.
„Наместо рационализација, подобро менаџирање и одговорно трошење на буџетските средства, добиваме најлесно решение – покачување на цените. Иронијата е што, кога треба да се пофалат, велат дека економијата расте. Но кога треба да се покријат трошоци е тогаш граѓаните мора да платат повеќе. Ние како опозиција јасно порачуваме: Платите на работниците мора да растат, но тоа не смее да оди исклучиво на товар на граѓаните.“– вели Шајн.
На крајот, Шајн оценува дека општината има обврска да обезбеди одржливи решенија и одговорно управување, наместо секое зголемување на трошоците да го префрла како директен товар врз жителите, истакнувајќи дека „граѓаните не се банкомат.“


