Шајн: Реални и праведни мерки за достоинствен живот за сите охриѓани ќе бидат мој приoритет
Како иден градоначалникт на Охрид мој приоритет е да обезбедиме реални и праведни мерки кои дирекно ќе им помогнат на нашите сограѓани, кажа на денешната прес конференција кандидатот за градоначалник на Охрид од СДСМ и Коалицијата, Асен Шајн. Тој најави сет на мерки што имаат за цел да ја намалат финансиската тежина врз домаќинствата и да создадат услови за достоинствен живот за секој граѓанин.
„Субвенционирање на данокот од 5% ДДВ за вода за пиење, собирање отпад и одведување отпадни и атмосферски води и гробарина. Со оваа мерка ќе овозможиме финансиско олеснување за сите физички лица преку поврат или субвенционирање на дел од износот на ДДВ за потрошена вода за пиење. Тоа е практичен чекор со кој дирекно ќе се намалат месечните сметки на нашите граѓани. 100% субвенционирање и ослободување од обврските за основни комунални услуги за социјално-ранливи категории. На граѓаните изложени на социјални ризици и социјално загрозени семејства, семејства со хендикепирани лица, лица со посебни потреби и лица со ретки болести ќе им овозможиме целосно ослободување од плаќање на трошоците за вода за пиење, собирање отпад, одведување атмосферски и отпадни води и гробна такса.“– кажа Шајн.
Оваа мерка е наш начин да покажеме дека локалната самоуправа може и мора да биде човечна и солидарна, истакна Шајн. Посочи дека не смее да бидат заборавени ни пензионерите за кои најави еднократна парична помош.
„За пензионерите со примања до висина на просечна пензија ќе се исплати еднократен надомест од 2500 денари. Ова е дирекна финансиска поддршка за оние кои најмногу ја чувствуваат економската неизвесност и покачувањата на трошоците за живот. Со овие мерки обезбедуваме поголема социјална правда, стабилност и достоинствен живот за сите наши охриѓани.“ – рече Шајн.
Верувам дека вистинската политика започнува со грижата за луѓето, потенцира Шајн.