Skip to main content

Образование

Шест децении матура од учителската школа „Андон Дуков“

Генерацијата 1959-1963 од првата и последна учителска школа „Андон Дуков“ од Охрид, викендов ќе одбележат 60 години од матура.
 |  Голабовски Крсте  | 
Слободан Пупиноски

Многумина од оваа генерација, целиот свој живот го посветиле на образованието на младите генерации, другите во разни дејности и професии, но сите горди на едно големо искуство повеќе, со кое достоинствено влегуваат во осмата деценија од животот, вели Слободан Пупиноски, професор во пензија. Ова е генерација која во тие времиња, во далечната 63 та година, после дипломирањето веднаш се вклучила во процесот на образование, најчесто во селските училишта. Тешки биле почетоците во образованието на почетокот во седумдесеттите години, се сеќава Пупиноски. Неговите почетоци како наставник биле во училиштето во селото Плаќе.

„Тогаш и сообраќајот беше проблем, беше во изградба патот Охрид-Кичево, овој кој сеуште се користи. Патот кој беше према Битола беше асфалтиран, но немаше сообраќајни средства. Двата автобуси кои ги имаше, еден наутро, еден навечер од „Галеб“, одеа за Белград, не издаваа билети за поблиску од Ресен и Битола.„Најчесто патувањата беа пешки. Имав смештај во Плаќе во училиштето, а кога беше убаво времето патував со велосипед“, – раскажува Слободан Пупиноски – професор во пензија.

Во Учителските школи се подготвувале учители за одделенска настава. Но, наставните планови и програми во учителските школи, за четиригодишно и петгодишно школување, овозможувале подготовка и на учители кои се вклучувале во реализацијата на предметна настава. Најголемиот дел од наставниот кадар од учителската школа продолжил да работи и на Вишата педагошка школа и Педагошката академија. Ние како генерација бевме многу сплотени, многу блиски, вели Пупиноски. Некои од нас подоцна работевме и заедно, во исти училишта во градот. Редовно се среќававме на секои десет години од матура, но после паузата поради пандемијата и последното одбележување на 55 годишнината од матурата, сега е време да се видиме повторно, додава тој.

„Се трудевме на сите можни начини да ги информираме колегите, бидејќи сме од различни места, најмалку сме од Охрид, повеќето бевме дојдени ученици од Струга и струшко, дебарско и Дебар, Кичево, Македонски Брод и Ресен.„Да ги информирам сите колеги кои досега не сме успеале да добиеме телефонски броеви, голем број од фиксните телефонски броеви веќе или се откажани или сменети, конкретно да ве информирам дека оваа сабота 27ми мај во 12 часот ќе имаме собир, заедничка средба во некогашниот рибен ресторан“, – повика Слободан Пупиноски – професор во пензија.

Сите оние до кои ќе допре овој прилог може да исконтактираат со Пупиноски на неговиот телефонски број 070 496 068, и на броевите на Кире Стевоски од Скопје, 071/803-120 и на Сталин Лозановски 070/904-952. Инаку, поранешната учителска школа го носела името на Андон Дуков, резбар од првата генерација на современи македонски уметници, воедно и сликар и борец во НОБ.