Skip to main content

Шестдецениска традиција на печење ракија прерасна во семејна дестилерија „Богданоски“

Шестдецениска традиција на варење домашна ракија на традиционален начин прерасна во локален бренд. Охрид доби семејна дестилерија Богданоски. Коста кој занаетот го наследил од дедо и татко, произведува квалитетни дестилати од локално овошје. Планира да го зголеми асортиманот со нови вкусови, а воедно процесот на печење ракија на традиционален начин да го претстави на туристите.
 |  Маја Савиќ  | 

Охриѓанецост Коста Богданоски, кој е познат по производство на квалитетна домашна ракија ја брендира и ја промовираше семејната дестилерија „Богданоски“.

Тој е трета генерација во семејството кое произведува ракија на традиционален начин. Семејниот занает започнал во 1962 година кога дедо му Косте го купил првиот казан, го продолжил татко му Павел, за денес традицијата на печење ракија да прерасне во локален бренд.

Печењето ракија не е тешко ако имаш друштво, со добро друштво ракијата се вари без проблем, вели Коста.

„Напорно е, сепак не е така едноставно варењето ракија меѓутоа ми причинува големо задоволство. Тоа го правел дедо ми, татко ми, па сега и јас продолжувам со таа традиција. Се надевам дека ќе можам добро да живеам. – вели Коста Богданоски.

Дестилеријата Богданоски е сместена во дворот на семејната куќа, со автентичен изглед, во близина на влезот во старата охридска чаршија. Централното место го заземаат традиционалните казани за печење ракија и стаклени балони во плетена врелна за нејзино собирање и чување.

На полиците се презентирани разните видови ракија кои ги произведува Коста по свои рецептури од дуња, кајсија, јаболко, како и неизбежната лозова. Овошјата од кои Коста вади уникатни ароматични дестилати претежно се од негово домашно производство или од локални овоштари и лозари. Планира да го зголеми асортиманот со нови вкусови, а воедно процесот на печење ракија на традиционален начин да го претстави на туристите.

„Јас произведувам 8 видови на ракија. Се надевам со уште два три типа на ракии ќе го проширам производството, пред се размислувам за џин, меѓутоа исто и ракија од круша, од слива. Сакам на туристите да им прикажам традиционален начин на варење ракија со мала дегустација. – вели Коста за своите идни планови.

Отворањето на дестилеријата за посетители што ќе придонесе во збогатување на туристичката понуда во градот, е добра идеја вели Проф. Зоран Тунтев, потенцирајќи дека Охрид и Македонија мора да понудат автентичност и оргиналност.

Дел од традицијата е и производство на вино и ракија. Во свет кој мириса на МекДоналдс и личи на Дизниленд , Охрид и Македонија мора да се профилираат како дестинации кои се залагаат за автентичност, она што од дедо и прадедо ни останало, соодветно да го спакуваме и да го понудиме на меѓународниот туристички пазар.“ – вели Проф. Тунтев.

Како поднебје немаме потреба да покажуваме луксуз, туку треба да се насочиме кон корените и традицијата, вели Тунтев и е убеден дека тука на долг рок се крие добра приказна што ќе ја профилира Македонија на мапата на атрактивни дестинации.

Да ги вадиме корените стари, да го вадиме она што е одлика на ова поднебје, на овај народ и го поздравувам овај акт на отварање на дестилерија, особено за ракија. Вински земји постојат, цела западна Европа , Медитеранот се профилирал на пазарот ка ко вински регион, ама ракијата е адут на кој треба особено внимание да се посвети и ме радува фактот што се повеќе дестилерии се појавуваат како сериозни играчи.“- вели Тунтев.

Коста со дестилерија „Богданоски“ започнува нова етапа во семејниот занает со планови и ентузијазам за нови техники и рецепти со цел со секоја голтка да се предизвика восхит кај конзументите. А градот треба да ги направи ваквите семејни бизниси повидливи за странските туристи да доживеат уникатно искуство.