Учениците од Дебрца за првпат добија училишни униформи

Учениците од општина Дебрца за првпат ќе носат училишни униформи. Униформите веќе пристигнале, а секој ученик ќе добие комплет составен од шест парчиња облека, со цел да се поттикне еднаквоста меѓу учениците и да се намалат трошоците за родителите.
Информацијата ја објави градоначалникот на Општина Дебрца, Златко Сиљаноски, кој посочи дека со ова се реализира едно од важните ветувања насочени кон најмладите.
Секој ученик ќе добие комплет што содржи две маици со кратки ракави, две блузи со долги ракави и два дуксери. Според градоначалникот Сиљаноски, целта на оваа мерка е да се обезбеди поголема еднаквост во училиштата, така што учениците ќе се истакнуваат според знаењето, а не според облеката што ја носат.


Од Општината очекуваат униформите да претставуваат и финансиско олеснување за семејствата, а воедно да придонесат за зајакнување на чувството на заедништво и другарство меѓу учениците.
„Учениците да се натпреваруваат во знаење, а не во облекување“, порачува Сиљаноски во објавата, споделувајќи и фотографии од учениците со новите униформи.



