По повод одбележувањето на јубилејот 80 години Црвен крст Охрид, а во рамки на овогодинешното издание на Фестивалот на водени спортови Ohrid Water Festival 2025, ќе се одржи меѓународен настан ШТАФЕТНО НУРКАЊЕ ЗА МИР, (пливање под вода-нуркање на здив) во должина од 25 м..
Настанот ќе се одржи на Охридското езеро, кај „Старото пристаниште“ (пред х. Палас) на 25.08.2025 г. (понеделник) со почеток во 12 ч.
-Ги покануваме сите оние кои се психофизички здрави и се чувствуваат способни за учество на овој, единствен настан од ваков вид во светот, со што од Охрид, „Балканскиот Ерусалим“, заеднички ќе испратиме силна порака за мир, почитување и толеранција, порачуваат од Црвен крст Охрид.
Сите заинтересирани од 8-88 годишна возраст можат да се пријават во просториите на Црвен крст Охрид на ул. „Димитар Влахов“ бр. 52 (спроти Гимназија), на телефоните 046 261-909 и 070 315-309 и на е-маил ohrid@redcross.org.mk, најдоцна до 23.08.2025 г.
При штафетното нуркање на здив можат да се користат и помагала (маска, пераи и сл.). Настанот ќе се реализира на посебно подготвена и обележана патека во должина од 25 м., во Охридското езеро, кај „Старото пристаниште“ во Охрид, а како специјален гостин се очекува човекот „амфибија“, 71 годишниот Јане Петков од Сандански, Бугарија, кој своето учество во оваа подводна штафета за мир ќе го направи со нуркање на 25 м. со една рака врзана за телото.