Skip to main content

Штрајк на работниците од затворениот пливачки базен

Градежните работници кои работат на градилиштето кај затворениот пливачки базен денес излегоа на штрајк. Тие посочија неколку причини поради нивниот револт. Како што кажаа пред камерата на ТВМ, не им биле исплатени две плати, не зеле регрес, ниту хранарина, државните празници не им биле платени законски, а немале право ниту на користење на годишен одмор и боледување. Дополнителен револт кај нив предизвикал некоректниот однос на нивниот претпоставен, претставникот на градежната компанија „Бауер“ од Скопје.

 |  Николоска Биљана  | 

Триесеттина градежни работници, ангажирани од скопската компанија „Бауер“ која работи на затворениот пливачки базен во Охрид денеска излегоа на штрајк, незадоволни што компанијата не им исплатитла две плати, регрес и хранарина. Уште од вчера тие ги бојкотира редовните активности, бидејќи компанијата не го исполнила ветувањето дека ќе им ги исплатат платите пред новогодишните и божиќни празници.

Плати немаме, регрес не… не лажеа дека ќе имаме регрес и дека најдоцна до 31 јануари ќе ни биде исплатен, а сега ни велат дека нема односно дека не ни следува“.

Работниците се жалат и на некоректниот однос на нивниот шеф кој деновиве се дрзнал да им се заканува со отпуштање од работа доколку се пожалат од компанијата. Главниот мајстор Љупчо Спироски кој ја води групата на градежни работници, револтиран од целата досегашна состојба обвинува дека нивниот претпоставен секојдневно ги лажe.

Се закануваат нон стоп дека кој ќе побара ќе го избркаат од работа и дека од Скопје од улица ќе донесел мајстори како нас, ние живееме со една нога во гроб со друга на скеле. Зад оваа врата се крие најголемиот криминал. Господинот кој е ставен овде Ристе не лажи, директорите не ги имаме видено, кои се сопственици на оваа фирма. Р. Македонија, Агенцијата за млади и спорт му дала пари, ова е државен објектовде се работи со лага, овде се крие најголемиот криминал“.

Дел од работниците кажаа дека речиси две години се на градилиштето и дека не им била обезбедена соодветната облека.

„Заштита, само едно одело на една година а некогаш и на година и пол“.

Работниците утрово целата состојба ја пријавиле и до надлежните инспекциски служби во градов. Додека нашата екипа беше на терен, на градилиштето пристигнаа од трудовата инспекција. Според раководителот на регионалниот трудов инспекторат Трајче Костески, инспекцијата постапила по сите барања кои ги посочиле градежните работници. Донесле акт со кој што му наложиле на работодавачот да изврши отстранување на извршените неправилности кои се направени во однос на прекршувањето на Законот за работни односи. Костески информираше дека исто така работодавачот го задолжиле, најдоцна до понеделник на работниците да им биде исплатена декемвриската плата, а до 20 февруари и регресот. Првичната инспекциска контрола покажала и одредени неправилности и повреди по некои основи кои допрва ќе се утврдуваат, а за кој најверојатно ќе има пријава и постапка, вели Костески.