Skip to main content

Силен дожд наврна во Охрид

Повеќе улици низ градот беа поплавени, а дождовната вода не можеше да биде прибрана во атмосферската канализација. Од  ЈП Нискоградба  информираат дека нивните екипи денес имале зголемен број на повици и интервенции на терен.

 |  Валентина Неловска  | 

 

Силниот дожд кој утрово наврна во Охрид поплави делови од градските улици, а предизвика и излевање на канализациони шахти. Атмосферската канализација не можеше да ги прими обилните дождовни води. Екипите на Нискоградба се справуваа со зголемен број интервенции на терен, информираат од ЈП. На поголем дел од територијата на градот, и понатака атмосферските води како што е дождовницата од олуците се слева во фекалната наместо во атмосферската канализација. Мрежата на покриеност на градот со атмосферска канализација е околу 30 до 40 проценти.

Екипите на Нискоградба се справуваа со отчепување на атмосферска и секундарна канализација со отпад на кој не му е место во градската канализација. Од секундарната мрежа беа извадени памперси, хигиенски влошки, влажни марамчиња, отпаден шут, разни видови текстилни предмети.

Од ЈП апелираат граѓаните да бидат посовесни и да не одлагаат отпад на кој не му е место во градската канализација.
Инаку, од Управата за хидрометеролошки работи (УХМР), информираат дека во Охрид наврнале 25 литри на метар квадрaтен дожд до 12 часот на пладне.

Според најавите поинтензивни врнежи се очекуваат во текот на попладневните часови и ноќта, а поројни дождови се очекуваат и утре.

Невремето проследено со дожд, грмотевици и ветер коешто од синоќа беснее во регионот ќе трае до недела – прогнозираат синоптичарите од УХМР. В недела ќе ослабне влијанието на циклонот, а в понеделник ќе сe чувствува само во планинските региони во земјава.