Италијанскиот амбасадор во Македонија, Андреа Силвестри беше во посета на НУ Библиотека „Григор Прличев“ во Охрид.
При посетата тој беше запознаен со нејзиниот историјат, книжниот фонд, тековните преземања и проекти.
Покрај амбасадорот Силвестри во посета на Библиотеката беше и заменикот шеф на италијанската мисија Марио Де Роза.
Директорот Јованоски ги запозна гостите и со проектот „Италијанско катче во библиотеката“ започнат во август, минатата година, благодарение на Венко Трпески, синдикален службеник во одделот што ги следи градежните работници во Тренто, а е по потекло од Охрид.
Опремувањето на катчето финансиски го помогна италијанската Конфедерација на работнички синдикати, локална работна комора на Трентино.
Во март, годинава беше отворено македонско катче на книгата во Градската библиотека во Тионе ди Тренто со што продолжи соработка меѓу НУ Библиотека „Григор Прличев” од Охрид и Македонското културно друштво „Свети Кирил и Методиј” од Трентино, Италија.
Токму од таа библиотека, кажа Јованоски стигнаа и првите италијански книги за нашето катче во Охрид.
Амбасадорот Силвестри и неговиот заменик Де Роза беа воодушевени од идејата за соработка на ова ниво меѓу двете Библиотеки и ветија дека наскоро со задоволство ќе дојдат пак во Библиотеката да го отворат катчето и да донираат нови и други италијански наслови, белетристика и стручна литература.
На средбата стана збор и за отпочнување нови проекти и континуирана соработка на НУ Библиотека „Григор Прличев“ со Италијанската амбасада во Скопје и пристап на охридската библиотека до италијански фондови за развој на библиотекарството и издаваштвото.