Синдикатот бара недела неработен ден
Да не се враќа денот недела за работен ден, споделува ставот на Сојзуот на синдикатите на Македонија , Стевчо Маслов, претседател на охридскиот синдикат. Ова е барањето на синдиакалците по последната одлука на Министерството за економија за да се врати недела како работен ден. По пет месеци, Владата се премисли за законските измени кои стапија на сила од 1ви јануари оваа година. Со нив недела беше усвоена за неработен ден. Сега, на барање на работодавачите пред Собранието ќе се најде нова предлог одлука, за повторно да се врати денот недела за работен ден. Измените, пак кои стапија на сила на почетокот на оваа година требаше да овозможат баланс меѓу приватниот и семејниот живот на работниците во нашата земја. Со ова законско решение, од Министерството за труд и социјална политика најавуваа дека дури 92 проценти од работниците ќе имаа можност во недела да практикуваат семејни и социјални дружења. Синдикалците упатуваат апел до народните избраници за почитување на работничките права.
„Бараме Собранието да не ги изгласа законските измени. Целта е да не се оштетат работниците и да не се уназадат работничките права“, напоменува Стевчо Маслов, претседател на ССМ на Охрид.
Во Сојузот на синдикатите и меѓу работниците има големо незадоволство. Реакациите се големи за попустливоста пред барањата на работодавачите, кажува охридскиот синдикалец. Како синдикат сметаме дека предлогот е крајно неприфатлив, укажува Маслов. Сојузот на Синдикатите на Македонија бара повлекување на предлог измените.
„Голем е бенефитот за работниците недела да е неработен ден. Нема цена која би ги натерало работниците да работат во недела, денот кога го поминуваат заедно со своите најблиски членови од семејството“, посочува Маслов.
Исто така, Сојузот на синдикатите на Македонија бара да се исполни владиното ветување за линеарно зголемување на платите на работниците од јавниот сектор за 2806 денари. Во спротивно, ќе се разгледува можноста за стапување во генерален штрајк од страна на Претседателството на синдикатот и претседателите на гранковите синдикати, напоменува Маслов, претседателот на општинскиот ССМ.