Охрид е без доволно јавни фонтани со вода за пиење, реагираат од охридскиот огранок на партијата Левица.
Во градот што го има најголемиот европски резервоар со слатка вода, Охридското Езеро, нема доволен број фонтани и јавни чешми, велат оттаму.
“Долж целиот град има само пет-шест со чиста водоводна вода за пиење од каде туристите можат да се освежат и да се разладат. Во периодов, кога сите не’ очекуваат многу високи дневни надворешни температури што не се запаметени во изминатите години, прошетките на многубројните туристи туристи низ Охрид стануваат ризичен потег за нивното здравје. Охрид како град домаќин не им нуди доволно јавна вода за згаснување на жедта на туристите.” – посочуваат од Левица.
Од охридскиот огранок на Политичката партија Левица апелираат и бараат од градоначалникот Пецаков и од Ј. П. “Водовод”- Охрид сите расположиви фонтани и чешми да ги ставaт во употреба за да можат да бидат од корист за посетителите на Охрид.
Додаваат дека ваквиот потег истовремено ќе го намали амбалажниот пластичeн отпад од пакувана вода што по употребата се остава по јавните површини на градoт и дава грда слика за најголемиот туристички центар во Република Македонија.