Сите музеи под капата на Завод и музеј, физички адекватно обезбедени
Освен тоа, за адекватно и целосно обезбедување на експонатите и поставките, имаат и видео надзор и алармни уреди.
Колку се безбедни музејските поставки, археолошките локалитети и артефакти во градов? Ова прашање неодминливо се наметнува имајќи ја предвид големата кражба на вредни артефакти од Музејот на Македонија во Скопје. Јасно е дека, значењето и вредноста на пронајдоците е непроценлива, па оттука јасно е дека и нивната соодветна физичка заштита треба да биде еден од приоритетите на надлежните.
Од Заводот за заштита на спомениците на културата и музеј од Охрид, смирувачки тонови, велат дека скопското сценарио тука не може да се случи.
„Сите објекти со кои раководи Завод и музеј-Охрид, имаат соодветно физичко обезбедување, и не само физичко обезбедување. Во сите објекти инсталирани се и алармни уреди, обезбеден е комплетен видео надзор кој што функционира, така да во тој поглед, сите наши објекти, дури и археолошки локалитети кога станува збор еве за Плаошник и за локалитетот „Музеј на вода“ се физички обезбедени 24 часа.“-рече директорката на Завод за заштита на спомениците на културата и музеј-Охрид, Тања Паскали-Бунташеска.
За обезбедувањето на објектите под капата на Завод и музеј се грижат лица вработени токму во оваа институција. Најголемиот дел од средствата за физичкото обезбедување на музеите, Завод и музеј ги обезбедува исто така во сопствена режија.
„Ние имаме и посебна сметка, таа е сметка за самофинансирачки активности. Тие пари ние ги обезбедуваме од влезници, трговски стоки кои што ги наплаќаме по нашите продажни пунктови, или истурени музејски одделенија и ние од тие средства претежно дел од тие луѓе кои физички ги обезбедуваат објектите се во постојан работен однос кај нас, меѓутоа останатите кои што не се постојано вработени, ние ги плаќаме од нашата сопствена сметка. Значи си обезбедуваме сами средства за објектите да бидат целосно физички обезбедени во текот на 24 часа, безразлика дали е празник, делник, работен или неработен ден.“-вели Паскали-Бунташеска.
Таа рече дека немаат ангажирано приватна фирма која би ги обезбедувала објектите. Во градов пак професионални агенции за обезбедување има во доволен број. Дури и оние кои ние ги контактиравме ни рекоа дека во нивното портфолио имаат место и за обезбедување на специфични објекти како што се музеите, но дека засега немаат таков ангажман. Можеби во иднина, би требало да се разгледа и оваа опција имајќи го предвид фактот дека музејското богатство со кое Охрид располага е навистина бесценето.
{loadposition content9}