Skip to main content

Урбанизам

Скапоцениот поглед кон езеро

Продолжува изградбата на објектот на улицата Христо Узунов, во стариот дел од градот, а со тоа и главоболките на соседите.
 |  Голабовски Крсте  | 
варошани

Продолжува изградбата на објектот на улицата Христо Узунов, во стариот дел од градот, а со тоа и главоболките на соседите. Тие денес повторно излегоа на мирен протест, гневни на институциите кои ја дозволиле изградбата на објектот. Мирче Ристески жител на стариот дел од градот вели дека со изградбата на вакви високи и габаритни објекти, се губи каскадниот изглед на теренот во овој дел од градот, а се губи и погледот кон езерото за оние кои се позади објектите.

„Во самиот Закон за старото градско јадро на Охрид стои дека габаритите на урбаните објекти не смее да се менуваат ни во ширина ни во висина ни во должина. Ова е класичен пример од П+1 се прави П+3. Нивните мислења кои се скроз погрешни и намерно направени, стои дека котата стои кај земјената подлога и котата почнува од темелите а не од улицата“ објаснува Мирче Ристески – жител стар град.

„Ние сите сме изградиле овде куќи кои сме стари жители. И сите сме имале чувства за соседите и никој не го нарушил каскадниот поредок на сите куќи. Да дадам еден еклатантен пример, кога одиме на кино, ако првиот ред стане на 3-4 никој не може да го гледа филмот“ кажа Михајло Филев – жител стар град.

Наум и Константин Аиноски за ТВМ велат велат дека и покрај сите преписки со институциите и реакции преку медиумите, изградбата на објектот продолжува и понатаму. Додаваат дека при копањето на подлогата најдени се остатоци од градските ѕидини.

„При копањето имаше наоди, имаше ѕидина цела од тврдината. Имаше гробови. Најдени се сребрени и стаклени предмети. Темелот на оваа куќа беше на долниот дел, па направија еден метар и пол насип за да дојдат до оваа кота“ – кажа Константин Аиноски – жител стар град.

„Бараме од надлежните институции за заштита на културното наследство да се стопира и поништи конзерваторското одобрение и дозволата за градење. Со овој проект „стручњаците“ ја заштитуваат древната охридска архитектура. “ – објасни Наум Аионски – жител стар град.

Од охридскиот Завод и музеј пак велат дека постапката во попглед на одобренијата за овој објект била запазена.

„Во секој случај постапката е запазена. Проследени се претходно сите доставени документи и се што од кај нас е излезено се е регуларно. „Издадено е конзерваторско одобрение, кое исто така е одбрено од страна на Управата за заштита на културно наследство и запазени се План за управување со Светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион и Законот за заштита на културно наследство“ – посочи Катерина Велковска – в.д. директор Н.У Завод и музеј – Охрид.

Жителите од улицата Христо Узунов стравуваат дека градбата на четворокатницата може да предизвика и појава на свлечиште. Велат дека улицата веќе е оштетена од тешката механизација која се користи при изградбата и додаваат дека сосема веројатно е да дојде и до нарушување на статиката на соседните куќи.