„Скопје ремикс“-девет филмови една целина
Филмот за културниот идентитет на градот под Калето по премиерата во Скопје, доаѓа и во Охрид.
Секој мозаик има повеќе мали составни делчиња кои ја даваат целата слика. Така и „Скопје ремикс“ филмот за културниот ритам на градот под Калето преку девет кратки филма се обидува да го дофати духот на една генерација. „Скопје ремикс“ е сложувалка на чие составување во изминативе две и пол години работеа десет млади македонски режисери меѓу кои Борјан Зафировски, Дарјан Пејовски, Огнен Димитровски Срѓан Јанакиевиќ, Ѓорѓе Ставрески, Саша Станишиќ, Јане Алтипармаков, Вардан Тозија, Бојан Трифуновски и Синиша Ефтимов.
Водечка сила на филмот е музиката, музиката создавана од млади прогресивни уметници од целата земја кои не се многу познати во јавноста. Прифаќајќи го музичкиот концепт на ремиксување, и филмот ултимативно го добива токму тоа име, „Скопје ремикс“.
„Долго време размислувавме што е тоа Скопје и како треба да биде преставено. По некое време сфативме дека никој од нас нема право да збори што е тоа Скопје. Не постои една универзална вистина за тоа што е Скопје туку постои лично видување кај секој режисер и лично доживување и тука се вклопи концептот на ремикс. Значи секоја од приказните е лично доживување на режисерите на нашиот град. Со надеж дека ете тоа ќе заедно сите ќе створиме некоја универзална слика барем на нашата генерација.“-вели Борјан Зафировски-продуцент-„Скопје ремикс“.
Темата е една и единствена, универзална линија која ја следат сите девет филма. Самото составување и вклопување на сите овие филмови во една целина според Зафировски било комплексно од повеќе аспекти. Првобитната идеја на режисерите била да се создаде една естетска целина која ќе наликува на игран филм.
„После некое време сфативме дека Скопје е разноврсно и контрадикторно и дека нема една естетика која што некако би ја отсликале во некоја атмосфера и сфативме дека е многу подобро да направиме еден мозаик од сосема различни естетики бидејќи сите автори само по себе носат различен сензибилитет и наместо да се ограничиме во таа смисла се одлучивме да правиме сосема различни филмови значи во филмовите има и анимиран филм и црно бел филм, сепак некако на крајот сите тие филмови можеби не носат иста естетика, но носат иста енергија на нашата условно генерација.“-рече Зафировски.
„Скопје ремикс“ иако приказна за битисувањето на една генерација Скопјани, сепак неодоливо потсетува на битисувањето на сите македонци. Затоа доколку сакате да го погледнете овој филм, проекциите започнуваат денес во центарот за култура „Григор Прличев“, а ќе траат до 27 ми Април. Проекциите, трите дена започнуваат во 20 часот, а влезот чини 100 денари.
{loadposition content9}