Skip to main content

Скопскиот Театар Комедија настапува на Охридско лето со „Мизантроп“ од Молиер

Скопскиот Театар Комедија настапува на Охридско лето со „Мизантроп“ од Молиер. Претставата е сериозна комедија со поглед во човековата душа пишувана во 17 век, актуелна и во денешно време. Премиерната изведба на „Мизантроп“ е дело на меѓународна соработка на македонските актери со црногорски тим на театарски уметници.

 |  Валентина Неловска  | 

На Охридско лето ќе се игра Молиеровиот „Мизантроп“ кој е драматуршка потрага по човекомразецот во пиесата. Театар Комедија од Скопје со вечерашната премиерна изведба ќе го донесе на фестивалската сцена Мизантроп како плод на меѓународна соработка на македонските актери со црногорски тим на театарски уметници, напоменува Сашо Ристовски директор на Театар Комедија.

„Драго мие што сме со Мизантроп од Молиер. Се радувам што соработуваме со меѓународен тим на уметници како што се режисерот Ана Вукотиќ, кореографот Сона Вукичевиќ, сценографот Јелена Томашевиќ, костимографот Лина Лековиќ“, кажа Ристовски.

Ана Вукотиќ, режисерот на претставата Мизантроп, во процесот на создавање на премиерата со задоволство работела со македонските актери. За претставата која е сериозна комедија со поглед во човековата душа пишувана во 17 век, вели дека е актуелна и во денешно време.


„Ова е современ Молиер, промислен и инспириран од животот на современиот човек, приказна за современоста. Она што најмногу ми е интересно во ова дело е позицијата на интелектуалецот во нашето време, позицијата на вистината, лицемерието, тој парадокс кога зборувам за вистината, а никако да ја докажеме“, напоменува Вукотиќ.

За квалитетот на македонските актери кои се дел од вечерашнат премиера и од Театар Комедија пофалби доаѓаат и од Соња Вукелиќ една од врвните балкански кореографи.

„ Тие се најдобри. Работам на просторите по цела поранешна Југославија каде што актерите не се подготвени во споредба со македонските глумци на движење. Од цела поранешна Југославија македонските и унгарските актери се најдобри во движење“, подвлече Вукелиќ.

Во „Мизантроп“ играат 10- мина актери од Театар Комедија меѓу кои Атанас Атанасовски, Александар Михајловски, Магдалена Ризова Черних, Жаклина Петровска Миљановска и други.

Александар Поповски, драмскиот селектор на Фестивалот Охридско лето, истакна , дека негова понатамошна практика ќе биде да гостуваат македонски театри со премиерни претстави, вообичаена практика која се негувала во минатите изданија на Фестивалот.