Во пресрет на 35-тото издание на „Поетска ноќ во Велестово“, во сабота, 12 август, од 13:00 часот, на сретсело во Велестово, свечено ќе биде откриена скулптурата „Раката на поетот“ од уметникот Никола Пијанманов.
Познатиот уметник, при обликувањето, бил инспирирана од песната „Есен“ на големиот германски поет Рајнер Мариа Рилке.
Скулптурата е донација од уметникот за фестивалот, а реализацијата ја овозможи Општина Охрид.
Истиот ден, со почеток од 18:00 часот, во кафе и бар „Шила“, во Охрид ќе се одржи интернационалното поетско читање „Прелудиум“ – преднастан на јубилејната 35-та Поетска ноќ.
Годинава, на Поетска ноќ во Велестово, настапуваат девет поети од пет земји: Марија Дејановиќ (Хрватска), Ким Симонсен (Фарски Острови), ТаносГогос (Грција), Марио Де Роза (Италија), Марко Грегур (Хрватска), Долорес Атанасова ‒ Лори, Ѓоко Здравески, Марина Икономова Шокева и Сашо Огненовски од Македонија.
Меѓународниот поетски фестивал „Поетска ноќ во Велестово“ годинава го слави своето јубилејно 35. издание кое ќе биде посветено на поетесите. Поетите Славе Ѓорѓо Димоски и Јулијана Величковска подготвуваат панорама на македонската поезија пишувана од жени, од преродбата до денес, насловена како „Самодиви“.Инаку, годинешното издание на фестивалот „Поетска ноќ во Велеството“ ќе се одржи од 18 до 20 август во Велестово.