Слаб интерес на охриѓани за јавните дебати
Во фаза на изработка е измена и дополна на генералениот урбанистички план за Охрид. Во рамките на овој процес денес се одржа јавен увид и јавна расправа по извештајот за стратегиска оценка на влијанието на животната средина. Освен дел од експертската јавност од Охрид, охриѓани не покажаа интерес за јавно учество и искажување на своите мислења.
Денес во општина Охрид се одржа јавната расправа и увид на извештајот за стратегиска оцена на влијанието на животната средина за неколку Урбани заедници. Согласно законската регулатива Јавната расправа ја организираше градоначалникот на општина Охрид Никола Бакрачески. Евидентно беше присуството на добар дел од експертската и научна фела за животната средина од Скопје, претставници на еколошките друштва од Охрид, од Хидробиолошкиот Завод, додека пак речиси и да немаше присутни од луѓето од нашиот град кои се најповикани во оваа проблематика. И покрај можноста да се произнесат ставови и мислења за предвиденото уредување на 9 делови од постоечките Урбани заедници од градов, целата расправа беше сконцентриирана на влијанието врз Студенчишкото блато. Стојам на ставот кој што е искажан во студијата за валоризација на остатокот од Студенчишкото Блато, дека загубата на ова блато ќе го чини Охридското Езеро, вели еден од изготвувачите на студијата.
„Тоа треба да биде јасно искажано во студијата тоа се експертски ставови и како што веќе споменав во студијата даваме предлог за понатамошен развој на тоа блато, да остане блатниот систем но да биде атрактивен за идниот туристички развој на Охрид, што сигурно ќе даде поголеми бенефиции за развој на туризмот во Охрид, одошто пренамена на тоа земјиште во градежно односно во домување“ – вели Менка Спироска изработувач на студијата.
Сличен е ставот и на охридските експерти, кои во мал број беа присутни на денешната расправа. Трајче Талевски од Хидробиолошкиот Завод, вели дека Студенчишкото блато е многу важен елемент за одржување на Охридскиот еко систем, од поголем број причини посебно за краповидните видови на риби, бидејќи таму има нивно мрестилиште. Ѓоко Зороски од ЕК „Грашница“, вели дека ако се направи една анализа на сите еко системски услуги кои ги пружа блатото, ќе се види нивното големо значење.
„Доколку се изгради потребната инфраструктура во однос на зачувување на блатото, таму би се вработиле голем број на луѓе, значи би се изградиле како што беше замислен првиот проект за посматрање на птици, изградба на малечки патеки, потоа прекопување на канали со што блатото би се ставило во функција и на Охридското Езеро и на градот Охрид во развој на туризмот“ – вели Зороски.
Организаторот на јавната расправа градоначалникот Никола Бакрачески со свое видување за истата.
Причината за која што се организираат јавните расправи е да се соберат мислења од целокупната заедница во Охрид, и од институциите и индивидуите и сите кои што можат да влијаат на најпогодно можно решение во конкретниов случај за урбанистички план. на никого не му е ускратено правото.
Инаку увидот во комплетната документација и изготвениот извештај за стратегиската оценка сите заинтересирани можат да го направат во Секторот за заштита на животна средина и управување со отпад заклучно со 14.02. годинава. Тоа е можност за сите оние кои денес не ја искоријатија приликата јавно да се вклучат во расправата и да ги кажат јавно нивните заложби, по писмен пат да се изјаснат, а не нивните ставови да завршат како празни зборови во кулоарите на градот.
{loadposition content9}