Слаба искористеност на осигурувањата за посевите во Охрид
Охридските земјоделци не даваат пари за осигурување на нивните земјоделски имоти. Со тоа, мал е и процентот на искористеноста на државната поддршка за заштита на земјоделските површини од временските непогоди што се обезбедува неколку години наназад.
Слаба искористеност на осигурувањата за посевите. Во Охрид сеуште е мал процентот на осигурување за заштита на земјоделските површини од временските непогоди. Повеќе од половина од трошоците за тоа ги дава државата, велат од Работната Единица за поддршка на земјоделието и руралниот развој. Одговорната од работната единица во Охрид Билјана Ѓорческа кажа дека и покрај државната поддршка што неколку години наназад се обезбедува, искористувањето на тие средства е мало. Таа со апел.
„Да си го осигураат имотот затоа што климатските промени во нашиот крај се многу променети, имаме мраз, невреме, град итн. Тоа е за нив за да бидат помирни во текот на цела година, би требало да си го осигураат земјиштето во осигурителните компании што им го нудат тоа“.
Ѓорческа нагласи дека според податоците од терен, постои интерес за осигурување на родот кај градинарите, лозарите и овоштарите во Охрид.
Додека пак експертите сметаат дека ниското вреднување на земјоделското производство од страна на осигурителните компании и малиот број прифатливи штети во листата на осигурување се најчестите причини поради кои земјоделците не се одлучуваат на ваков чекор и не ја користат владината поддршка и покрај тоа што е олеснителна. Инаку доколку се посевите осигурани, компанијата, во случај на елементарна непогода, е должна да го исплати земјоделецот најдоцна 15 дена по проценката на настанатите штети.