Слатководниот рак се враќа во Охридското Езеро
Уште една реткост се враќа во водите на Охридското езеро. Станува збор за слатководниот европски рак. Добар дел од оваа популација пред 25 години угина поради чумата која го зафаќа овој вид. Доколку продолжи трендот на намножување овој рак би можел да се најде и на менијата на охридскте ресторани.
Охридскиот слатководен рак кој пред речиси две и пол децении исчезна од крајбрежниот дел на Охридското Езеро, се враќа. Зоран Спиркоски од Хидробиолошкиот Завод изјави, дека благодарение на самопречистителната моќ на езерото било овозможено дел од популацијата на ракот да живее во подлабоките води, така што во овој момент ракот од подлабоките се враќал во плитките води.
„Тоа не е во такви количини кои порано беа присутни. Од друга страна треба да се знае дека ракот е животно кои што се храни со животински отпадоци, треба да има детритус, животни кои што угинуваат. Живеејќи под камењата тој во одредени моменти знае и да лови, но сепак, популацијата на ракот не е возвратена во очекуваното ниво“.
Спиркоски со оптимистички најави, дека доколку продолжи прогресната линија, односно намножувањето на слатководниот рак, тој повторно ќе биде застапен во ресторанските менија на охридските угостителски објекти како еден од највкусните деликатеси.
„Јас можам да ви кажам дека е многу вкусен бидејќи сум го јадел од мал и сам сум го ловел и лесно се подготвува. Дури и кога сме оделе на кампување како друштва по камповите ракот ни бил составен дел од оброците кои сме ги имале таму“
Спиркоски појасни дека своевремено, мрестилиштето во Шум и АД Летница од Струга, ловеле рак , кој во жива состојба се транспортирал во Љубљана. Таму се продавал по добра цена, бидејки бил деликатес во словенечкиот регион. Инаку последниве години вистински украс на езерото се двата видови рак. Европскиот слатководен рак, кој може да се сретне насекаде во Охридското Езеро, и т.н крив рак кој наликува на морска краба.