Следната година во Охридско Езеро ќе заплови уште еден патнички брод
Следната година во водите на Охридското езеро се очекува да заплови досега најголемиот патнички брод. Бродот со должина од 32 метри и тежина од околу 100 тони се гради веќе пет години и во моментов привршува изработката на челичната конструкција. Сопствениците најавуваат современ пловен објект со капацитет за превоз на 250 патници, безбеден и стабилен бидејќи лежи на два трупа.
„Како проект е заверен во Биро Веритас, овластена компанија во Европа вклучително и Македонија, и ги задоволува сите стандарди. Проектот е на инженер Александар Ѓорѓевиќ од Белград, меѓутоа под надзор на компанијата Биро Веритас којашто го има одобрено тој проект и којашто го контролира во текот на изградбата. Тој ќе биде според условите во Охридското езеро. Стабилноста е првенствено и второ брзината.“ – вели Зоран Гилевски – капетан на брод.
Најголем проблем за толку габаритен брод ќе биде закотвувањето на пристаништата кои, според капетанот на брод Гилевски се во многу лоша состојба.
„ Сегашниве пристаништа се катастрофални. Се паркираме еден преку друг , па преку три брода товараме луѓе, па ќе направи бран а ние и стари луѓе товараме.“ – вели Гилевски.
Охридските бродари се надеваат дека ќе се реализира најавата од Министерството за транспорт и врски за решаваше на проблемот со пристаништата на Охридско Езеро. Дотогаш ќе се снаоѓаме, вели капетанот Гилевски.
„ Ќе го сидриме овој вака најголемиот брод затоа што охридското пристаниште е небезбедно за овој габарит на бродови. Ќе се снаоѓаме. Ако државата, Република Македонија реши да инвестира во туризмот, без пристаништа, дали во Охрид, дали во Свети Наум, дали во Струга, значи нема шанси да одиме во развој во туризмот.“ – вели Гилевски.
На Охридското Езеро пловат 6 патнички бродови со капацитет до 150 патници. Бродските крстарења се една од најатрактивните туристички понуди на Охрид.