Словенската азбука како молитва
Младата популација мора да се потсетува на значењето на кирилицата. Денес во библиотеката „Григор Прличев“ во Охрид се одржа предавање на тема „Словенската азбука како молитва“ во чест на празникот на сесловенските просветители, Св. Кирил и Методиј.
Словенската азбука како молитва. Тоа беше тема на денешното предавање кое се одржа во охридската библиотека, по повод празникот на сесловенските просветители Кирил и Методиј, кој е голем празник и во Русија. Ова е само уште еден добар повод на зацврстување на соработката помеѓу Охрид со конзулатот на руската федерација, вели Елена Обухова, административниот соработник од Рускиот конзулат.
„Сакаме да покажеме дека текстот на таа азбука на глаголицата и кирилицата содржел во себе една сериозна и важна молитва како порака за сите лпи користат букви и кои пишувале и тоа е целта да покажеме таа молитва и какви сакрални црковни симболи се содржани во глаголицата“.
Обухова смета дека денешното предавање е од исклучителна важност, посебно за младата популација која мора да се потсетува на значението на кирилицата.
„Јас мислам дека многу е важно посебно за нашите млади да знаат колку е ценета кирилицата во современ контекст да не ја забораваат и да ја покажуваат на своите деца дека секоја буква и секој знак е важен секој знак содржи во себе толку тајни смисли и дека ни половина од нив не се откриени до сега и затоа мислам дека многу е важно да се покаже тоа“.
Св. Кирил и Методиј се творците на првата словенска азбука-глаголицата и основачите на Македонската литература. Настанот беше во организација на НУ Библиотека „Григор Прличев“ и Почесниот Конзулат на Руската Федерација од Охрид.