Кој да ја слушне маката на Митреви?
Семејството Митреви никако да се извлече од прангите на сиромаштијата.
Импровизирана колиба во месноста Велгошти на патот кој води кон селото Рамне е новиот дом на семејството Митреви. ТВМ две години во континуитет ја следи нивната животна приказна, каде се јавија многу јунаци за помош, но од тоа останаа само празните ветувања. Она што сеуште го држи ова семејство, кое живее во голема беда и сиромаштија, без елементарни услови за живот, е надежта. Аце Митрев вели дека подготвен е да оди дури до претседателот на РМ Горѓе Иванов и да му каже за неговата мака, бидејќи надлежните од Охрид досега не мрднале со малиот прст.
„Градоначалникот ми вети уште пред две години дека ќе ми помогне што може најскоро но ниту дојде и ме остави на милост и немилост. А сега нека дојде да види во што живеам под ведро небо, ако може нека дојде и тој да спие тука еден ден. Јас не му барам богзнае што, една барака или едно местенце колку да се спастрам со децата да живеам“.
„На работа одам нема каде да спијам пет душина еден кревет не се спие, градоначалникот вети, ништо не исполна“.
Дека општината се понуди и вети помош, можеме да се потсетиме од изјавата на градоначалникот Александар Петрески дадена пред околу две години:
„Па состојбата е многу лоша. Ние знаеме дека многу семејства во Охрид живеат на работ на егзистенција, меѓутоа има од лошо полошо. Јас полоша ситуација од ова семејство немам видено и затоа веднаш ќе преземеме активности со кои ќе ги подобриме условите за живеење на семејството Митреви. Ниа како општина немаме ингеренции во социјалната сфера меѓутоа ние мораме тие се наши сограѓани да помагаме“.
На нашето прашање до градоначалникот Петрески, дали денес се сеќава што вети на семејството Митреви, добивме одговорот од портпаролот на неговиот кабинет Симон Илиевски. Илиевски вели:
„Генерално сме расположени со она што е во нашите ингеренции да помогнеме. Но во делот на социјалната заштита немаме ингеренции“. Тој исто така рече дека согласно новиот закон за секое земјиште морале да се обратат до Министерството за транспорт и врски, бидејќи со земјиштето не можеле да располагаат без дозвола на ресорното министерство. Друга форма како да се даде земјиште засега немало, додава тој.
И Митреви се наши сограѓани. Нивните маки и тешкиот живот не е импровизиран туку сурова реалност. Дали и на кој треба да му проработи моралната одговорност еден ваков крпен живот да го стави во нормален колосек, јавноста нека оцени.
{loadposition content9}