Снегот и ниските температури позитивно ќе влијаат на земјоделските култури во нашиот регион
Земјоделците велат дека освен влагата која е потребна за растенијата, позитивна страна на моменталните временски услови е и тоа што истите ќе значат помал број на штеточини и болести во текот на потоплите месеци.
Снегот значи бериќет за земјоделските насади, вака вели производителот на органска и здрава храна, Ванчо Стојаноски. Според него ниските температури нема да ги намалат приносите од насадените култури, ниту пак оние кои допрва ќе се садат, или пак тоа намалување ќе биде во незначително мали количини. Единствено штета според Стојаноски претрпеле земјоделците кои произведуваат под пластеници, а кои не успеале да ја издржат тежината на снегот и се срушиле.
„Регионов наш е сепак навикнат на зима. Добредојдени се и овие ниски температури поради тоа што сепак одредени болести и штеточини сигурно ќе ги немаме до таа мера како минатото лето бидејќи тогаш за жал скоро и да немавме зима. Имаме и позитивни и негативни работи во сето тоа што се случува, но во секој случај ни треба зима и тоа со снег, и овој снег е бериќет, камо уште еднаш, два пати вака да заврне бидејќи планините ако не држат до мај снег, тогаш и речните токови ќе ни се со доста низок капацитет и сето тоа се одразува на земјоделието и воопшто влагата во почвата нема да биде во одредена мера која што е потребна воопшто во земјоделието, посебно за житариците.“-вели Стојаноски.
Според Стојаноски, во охридскиот регион, ниските температури, снегот и мразот нема да повлијаат ниту на евентуално задоцнување со расадувањето на земјоделските култури.
„Охридскиов регион почнува со подготвување на расад за пластеничкото производство кој е сепак заштитен простор, некаде семето за патлиџан и за пипер се фрла почетокот на февруари, не е препорачливо порано. Некои земјоделци порано тоа го практикуваа, сепак јас имам некое искуство, 15 години се занимавам со пластеничко производство и знам што значи ако порано го фрлиме семето, многу рано ќе ни дојде расадот за расадување. Верувајте некои земјоделци го расадуваат половината на март, што за охридскиот регион апсолутно не е препорачливо. Знаеме овде ние дури и кон крајот на април да паднат температурите под нула, а веќе расадениот материјал тешко дека со нешто ќе го заштитиме во пластеникот. Ако е расад не е проблем, со двојни најлони, со пригревање, но расаден материјал, апсолутно не.“-рече тој.
За агрономите пак, евентуалните и кратки задоцнувања со расадувањето би се случиле само поради неможноста за обработка и подготовка на почвата, а не поради замрзнување на расадот и расадниот материјал. Околу штетите пак, тие коментираат дека не очекуваат некое позначително влијание врз родот, но велат дека зависи и во која насока ќе продолжат да се развиваат временските прилики. Сепак и за оние земјоделци кои се занимаваат со пластеничко производство, а кои се претпазливи со ниските температури, Стојаноски за заштита препорачува употреба на агротекстил, материјал со кој се прекриваат земјоделските култури. Овој агротекстил освен што одржува поволна температура за растението, истиот му дозволува на насадот да дише, а притоа да се овозможи и поволно ниво на влага во почвата.
{loadposition content9}