Skip to main content

Снегот оваа зима нема да не изненади, велат од Локaлната

Снегот оваа зима нема да не изненади, велат од Локaлната. Секторот за комунални дејности, улици и патишта изработи предлог оперативна програма за нормално и непречено функционирање на сообраќајот во зимски услови. Динамиката на чистењето на улиците ќе оди според нивниот приоритет. Со програмата за зимско одржување на улиците се опфатени и селските и приградските населби.

 |  Јаковлева Лионела  | 

Локалната самоуправа е подготвена за одржување на улиците кои се во нејзина надлежност во зимски услови. Секторот за комунални дејности, улици и патишта изработи предлог оперативна програма за нормално и непречено функционирање на сообраќајот во зимски услови. Оваа програма е изработена во соработка со Македонија пат и СВР Охрид. Целта на оваа оперативна програма е сите субјекти заедно да делуваат за да не дојде до никаков застој на сообраќајот при поголеми врнежи од снег и голомразица.


Во моментов временските услови се поволни и граѓаните не се оптоваруваат со одвивањето на сообраќајот во зимски услови но службите на општина Охрид и кризниот штаб кој е формиран во рамките на оперативната програма секојдневно разговараат на оваа тема. Пред петнаесеттина дена имавме и сотстанок со преставници на Македонија пат и на СВР Охрид на кој ги утврдивме и критичните точки на патиштата во зимски услови и на кои треба да се обрне посебно внимание, вели Љупчо Танески од Секторот за комунален развој, улици и патишта.


Како најкритични точки биле истакнати селските патишта и патиштата во периферијата на градот како и во стариот дел на Охрид. Согласно законот за безбедност во сообраќајот и согласно регулативата за отстранување на снегот и голомразиците улиците во општина Охрид се поделени на четири групи.  Во првата група спаѓаат оние поголеми градски улици кои што се и најфреквенти и кои се приоритет за чистење, во втората група спаѓаат улици кои се со помала фреквенција, во третата група се споредните улици, а во четвртата се улиците кои се наоѓаат во периферијата на градот. Динамиката на чистењето на улиците оди според нивниот приоритет, објаснува Танески. Со програмата за зимско одржување на улиците се опфатени и селските и приградските населби

Во моментов Општина Охрид има четири важечки договори со четири различни економски оператори за одржување на патиштата во зимски услови. Тука секако е и ЈП Комуналец кое 24 часа ќе биде достапно за кризниот штаб при оваа оперативна програма за зимско одржување, вели Танески.

Општината има распишано јавен повик и за други економски оператори за понатамошно склучување на договори за чистење на улиците во зимски услови бидејќи договорите со овие четири фирми важат до крајот на годината.