Со бетонски столбови до 28 метри во земја се стабилизираат свлечишта на автопатот Охрид – Кичево

За првпат во земјава, на автопатот Охрид-Кичево се применува нова современа технологија за стабилизација на косините. Со тешка механизација, под земја се вградуваат бетонски столбови длабоки до 28 метри, со арматурни кафези тешки по 30 тони. Столбовите меѓусебно се поврзуваат со цевки и челични јажиња, со што под земјата се формира стабилна конструкција. Вкупно на трасата ќе има околу 250 вакви столбови, од кои 163 на потегот кај Ботун.

„Значи, се влегува во земјата, седум до единаесет ката надолу, се спуштаат арматурни кафези, секој арматурен кафез тежи по 30 тона железо. Значи, секој арматурен кафез има по 30 тона железо и истите после тоа се поливаат со бетон. Помеѓу нив има цевки и има челични јажиња кои што ги држат едните со другите и практично ние под земјата создаваме една целосна структура која што треба да ја држи основата на автопатот.” – изјави заменик претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски.

Сложеноста на теренот кај Ботун е утврдена со дополнителни геоистражувања на составот на земјиштето и присуството на подземни води. Врз основа на резултатите се избрани две решенија за стабилизација, галерии и длабоки бетонски столбови.
„На овој начин сметаме, или сметаат проектантите, дека ќе имаме сигурна стабилизација на косините на оваа делница, односно на делот на Ботун.Иако ова е навистина критична планина, која што се одликува со доста подземни води, што е посебен ризик, и со, видите како е и типот на материјалот, графитен, кој што почнува да се распаѓа.” – изјави Коце Трајановски, директор на ЈП Државни патишта.

Автопатот Охрид-Кичево е долг 57 километри. Досега се изградени 37 километри, од кои 34 се во функција. Во следните два месеци се очекува пуштање на околу 10 километри од делот кај Пресека. Целата делница со употребна дозвола ќе биде завршена во првата половина од идната година.
Новинар Соња Рилковска









